Францускиот институт во Скопје го организира првото издание на месечните „Кино-средби“ во Кинотеката на Македонија, каде што ќе се прикажуваат современи француски филмови, како и големи класици на француската кинематографија.
Овие кино-средби започнуваат со проекцијата на „Романот за Џим“ (2024) од Арно Ларје и Жан-Мари Ларје, со Карим Леклу, Летиција Дош и Сара Жиродо, вечерва во 20 часот во Кинотеката. Премиерно прикажан на Филмскиот фестивал во Кан 2024, филмот беше номиниран за наградите за најдобар филм и најдобар актер, а Карим Леклу доби „Цезар“ за најдобар актер.
Ајмерик случајно ја среќава Флоранс, поранешна колешка од работа, на една забава во Сен-Клод во Горна Жура. Таа е во шестиот месец од бременоста и е сама. Кога се раѓа Џим, Ајмерик е постојано до неа. Тие заедно поминуваат години, сè додека еден ден не се појави Кристоф, биолошкиот татко на Џим… Тоа може да биде вистински почеток на една мелодрама, но, всушност, е почеток на една одисеја за татковството…
„Браќата Ларје создаваат нова филмска слика без какво било украсување, фокусирана на обичните луѓе во секојдневието“, напиша „Ле монд“, а „Ле Паризиен“ објави: „Широка и длабока мелодрама за татковството, во која сите ликови реално постојат“. Филмот е со превод на македонски јазик.

































