Месецов Кинотеката со гордост го претставува циклусот на современ перуански филм, во организација на Амбасадата на Перу во Букурешт, Кинотеката и почесниот Конзулат на Перу во Македонија. Програмата на оваа прва Недела на перуански филм започна на 19 јуни, со проекција на играниот филм „Кралици“ (2024), во режија на Клаудија Рејнике, а по сценарио на Рејнике и Диего Вега Видал, приказна фокусирана на односот помеѓу еден татко и неговите ќерки и нивните општествени предизвици во денешно Перу. Потоа беше прикажан документарниот филм „Мисија Кипи“ (2024) на режисерката Сонали Туеста – трогателен и инспиративен филм во кој главната улога ја има роботот наменет за дружење и социјализација со деца што поминале низ периодот на изолацијата за време на пандемијата на ковид-19.
Циклусот завршува денеска, со играниот „Вкусно сушено овошје“ (2017) на Ана Каридад Санчез – филм што балансира меѓу фикција и документарен пристап, претставувајќи емотивна приказна за жена во седмата деценија од животот соочена со финансиска криза, која ги преиспитува својот идентитетот и културното наследство.
На отворањето на фестивалот свое обраќање имаа директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, и почесниот конзул на Перу во Македонија, Ненад Јаничевиќ.