Мала школа за краток филм во Битола
Во Битола заврши четвртото издание на фестивалот на „Малата школа за краток филм“, одржан во рамките на програмата за одбележување на 4 Ноември – 80-годишнината од Денот на ослободувањето на градот Битола. За првпат меѓу школската публика имаше и деца на возраст од пет до седум години, за кои ова беше првото филмско искуство во вистинска киносала.
Организатор на фестивалот, здружението „AYE AYE VO“ – Меѓународен филмски фестивал Нанси, има дваесетгодишно искуство во работата со младата публика и приближувањето со сите форми и жанрови, претставени со кратки филмови, приспособени на возраста на децата. Акциите што ги спроведува кај младата публика се дел од „воспитувањето“ преку филм или сега наречено „филмска писменост“. Нивната долгогодишна акција е признаена од Француското министерство за култура и од Националниот центар за филмска уметност на Франција – ЦНЦ. Токму во таа насока реализирањето на фестивалот доби силна финансиска поддршка од Општина Битола, која го запиша во официјалната програма за одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Битола. Имено, градот Битола со отворени раце го прифати фестивалот пред пет години и оттогаш само ја засилува поддршката. Доаѓањето на фестивалот во Битола беше по иницијатива на Вера Соклевска, одделенска наставничка во чие одделение, тогаш во селото Гермијан, а сега во Новаци, започна македонската авантура, веднаш поддржана од екипата на Центарот за култура во Битола.
Францускиот институт од Скопје и Француската алијанса од Битола исто така се важни партнери на фестивалот, со оглед на тоа што се програмирани повеќе француски или европски филмови. Програмата е богата со емоции и откритија. Темите се приспособени на возраста на публиката. Важно е да се нагласи дека сите размени со младата публика беа на француски, преведени на македонски јазик, како стимулација за изучување на францускиот јазик меѓу младите, а повратните информации од наставниците и децата се многу позитивни.
Фестивалот започна со проекции во училиштето „Славко Лумбарковски“ во Новаци, без црвени килими, пред Центарот за култура на Битола, кој ги отвори вратите на своите киносали од самиот почеток на фестивалот и даде огромна помош преку техничките услуги и помошта за неговата реализација. За првпат во четиригодишното одржување во Битола, четирите програми поделени според возрастите на децата од 5 до 7 години, од 7 до 9 години, од 9 до 12 години и од 12 до 15 години, беа исти како тие што се наменети за француските деца. Во зависност од односната возрасна група, кинематографските дела се меѓународни, емитувани на оригиналниот јазик и титлувани на француски за проекции во Франција, титлувани на македонски за проекциите во Македонија.
Целта на претставените филмови е да се запознаат децата со светот на кинематографијата од друг агол од оној на платформите, социјалните мрежи и телевизијата и да им се помогне да го развијат своето критичко размислување, да направат чекор назад од сликата што ја гледаат. Тимот на фестивалот, претставен во Битола од Бландин и Тони Гламчевски како носители на проектот, ги придружуваше овие филмови, децата всушност беа охрабрени да разговараат на крајот од проекциите, да ги слушаат другите, да даваат свои мислења, да ги споделат своите чувства и емоции.
Доволно беше да се видат реакциите на првоодделенците, кои беа известени од своите одделенски наставници дека за првпат ќе одат на кинопроекција, за што зборуваа дури и на систематскиот преглед со медицинскиот персонал на училишната амбуланта во Битола, ентузијазам што се почувствува и во киносалата кога аплаудираа во ритамот на песните и музиката на филмот „Гитара во морето“ или кога почнаа да танцуваат во ритамот на музиката на грамофонот.
Повозрасните ученици зборуваа и дебатираа за темите како вознемирувањето – мобингот на кој понекогаш за жал жртви се младите, тема обработена преку канадскиот филм од Квебек – „Трик/Надмудрување“, борбата против културата на сексизам и силување на француските средношколци обработена преку филмот „Крок-Топ“, потребата за заштита на нашата планета, преку анимираниот филм „Осмиот ден“ или сведоштвото на Јулија Јутка за депортирањето на Евреите од последното гето во Полска, преку анимираниот полски филм „Несоницата на Јутка“. Беа прикажани вкупно 17 кратки филма, сите со свои пораки или теми за дискусии, кои одлично се вклопуваат во училишната програма како во Македонија, така и во Франција.
Како што објаснија наставниците, кои ги донесоа своите ученици на проекциите, за филмовите ќе продолжат да зборуваат и по враќањето во нивните училници. Сите проекции на фестивалот за краток филм „Мала школа за краток филм“ беа бесплатни. Организаторите на фестивалот организираа и работилница со наставниците од битолските училишта, на која беа запознаени со начинот на работата на воспитните ателјеа наменети за децата за воспитување преку краток филм.
Во Македонија воспоставената соработка со Центарот за култура во Битола и здружението „AYE AYE VO“ трае веќе пет години, бидејќи едно издание од фестивалот на „Малата школа за краток филм“ беше откажано поради пандемијата на ковид-19, а двете структури соработуваат и при организирањето на меѓународниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ во Битола. Екипата од Нанси веќе 20 години организира фестивал за училишта (од градинка до деветто одделение), Фестивал на школски филм за краток филм, кој годинава треба да пречека околу 2.000 деца во Нанси, регионот Гранд Ест и во Македонија.
Тони Гламчевски