На универзитетот „Цаоцуанг“ во истоимениот град во Кина, на есенскиот семестар во 2018 година започна со работа одделот за есперанто. Станува збор за четиригодишни студии. Првата генерација студенти запишани на овие студии завршија пролетта 2022 година, со нивното дипломирање на одделот за есперанто. Вкупно 25 студенти добија дипломи по есперанто јазик, историја и литература.
Студентите го изучуваа јазикот есперанто од почеток, од азбуката. Првично беа водени од кинескиот професор Ли Веилун, а започнувајќи со вториот семестар, професорот Бак Гиван и уште други двајца професори есперантисти од странство им предаваа исклучиво на есперанто. Освен што на универзитетот го изучуваа јазикот, тие следеа и други задолжителни предмети, како англиски јазик и некои предмети од областа на економијата.
Генерално, на кинеските универзитети студентите завршуваат со полагање на сите испити на крајот од првиот семестар од четвртата година на студиите. Повеќето, сепак, завршуваат со испитите на крајот од вториот семестар во трета година. Времето за учење и полагање на универзитетот е околу три години, што е доволно за сеопфатно совладување на есперанто, и тоа не само граматиката туку и историјата и литературата на есперанто. Во последниот семестар од своето четиригодишно студирање тие подготвуваат дипломска задача, со што и официјално дипломираат. Темите главно се од областа на граматиката на јазикот есперанто. Петмина студенти успешно ги завршија и ги одбранија своите дипломски задачи. Во Кина, а веројатно и во цела Азија, нивните дипломски задачи се првите обиди за ваков вид труд во историјата на есперанто-движењето.
Од 25 дипломирани студенти, шест ќе продолжат на магистерски студии по интерлингвистика на универзитетот „Адам Микиевич“ во Полска, а една студентка веќе започна да работи во редакцијата на месечната есперанто-ревија „Ел пополо инио“, која се публикува во Пекинг. Во моментов други 23 студенти студираат на истиот оддел, а оваа учебна година ќе има нови 25 кандидати.
Превод од есперанто: Татјана Шошолчева -Ропајкова