Денеска започнаа првите читачки проби за претставата „Жива досада“, новиот копродукциски проект на МНТ. Станува збор за авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан, во која играат двете актерки, како и Гоце Андонов.
Темата на претставата е досадата на децата во денешно време, каде што авторите ги охрабруваат како децата така и родителите да остават да им биде досадно без да ги окупираат со разни обврски, само за да ја избегнат досадата. Ликовите на децата, Давид и Бојана, кои се претставници на децата на денешното време, во еден момент се среќаваат со дел од ликовите на Недојдија, каде што во одреден момент си ги менуваат местата, со цел да докажат во чие време е подосадно. Претставата поентира со тоа што ги охрабрува децата да веруваат во магијата на играта, како и да научат да комуницираат вербално помеѓу себе.
Костимографка е Валентина Чонкова, а сценограф е Мартин Манев. Премиерната изведба се очекува кон втората половина на април или на почетокот на мај.