Помеѓу 24 и 26 август, во Куќата на Уранија во Охрид, во организација на Македонската академија на науките и уметностите во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет се одржа првата Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница, годинава тематски насловена „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“. На настанот учествуваа повеќе реномирани поети, синолози и книжевни преведувачи од Македонија и од Кина.
Меѓу македонските поети и книжевни научници што учествуваа на оваа работилница се: Катица Ќулавкова, Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска, Андреј Ал-Асади, додека современата кинеска поетска сцена беше претставена од Чжао Си’, Ли Суо, Аку Вуву, Лју Јуе, Минг Ди и ‘Ши Чуан, кој наедно со своето творештво се претстави и на манифестацијата „Мостови“ на годинашното издание на „Струшките вечери на поезијата“. Во работата на овој настан учествуваа и синолозите и препејувачи Игор Радев, Сара Цветановска и Елена Дамјаноска, како и наши истакнати препејувачи од други јазици, како на пр. Милан Дамјаноски.
Работилницата се состоеше од сесии на заемно преведување и анализирање поезија, како и отворени дебати на теми поврзани со проблемите и предизвиците на поетското творештво и превод во интеркултурен контекст: „Поезијата како производ за превод: Автентичноста на поезијата на Другиот во епохата на глобалната доминација на англискиот јазик“, „Може ли да се препознае голема поезија ако е творена на мал јазик: Перцептибилноста на поезијата на малите говорни подрачја“, „Културната различност при поетскиот превод: Помеѓу Сцилата на егзотицизирањето и Харибдата на нивелирањето“. Предвидено е резултатите на работилницата да бидат објавени како посебно тројазично издание (македонско, кинеско и англиско), во кое ќе бидат поместени песните во заемен превод на македонските и кинеските поети, придружени со анализи и соодветен критички апарат.