Ексклузивен Каталог за обемната ликовна збирка на уметнички дела, која ја поседуваат Институтот за тутун и прилепскиот Завод и музеј, е отпечатен по повод големиот јубилеј на Институтот за тутун – 100 години од неговото формирање. Автори на каталогот се Александар Цветкоски и Паре Зареска. Ова е прв ваков каталог, преку кој сублимирано, преку текст и фотографии, се објаснува ликовната збирка на уметнички дела, како настанала и што содржи. Ликовната збирка на Институтот за тутун е споена со збирката на Музејот за тутун, со што се потврдува силната врска меѓу поднебјето и уметноста.
Прилепската ликовна приказна се нарекува и „Приказна за трите прилепски среќи“, велат авторите. Првата е доаѓањето на Велебит Рендиќ во Прилеп, кој ги образовал родоначалниците на прилепската и македонската ликовна уметност, втората е доаѓањето на големиот број белогардејци во нашите краеви, школувани уметници како Николо Славин и Константин Подушкин, кои во Прилеп твореле десетина години и оставиле повеќе од педесетина дела. Третата среќа е доаѓањето на д-р Бошко Бабиќ во градот, кој го формирал и прилепскиот музеј, кој нераскинливо е поврзан со сите аспекти на културното и уметничкото живеење во градот. Музејот станал мека на Македонија, со огромна концентрација на археолошки локалитети.
Во каталогот низ раскажување за постоењето на Институтот за тутун и Музејот за тутун се објаснува приказната за тутунот, но и за ликовните дела, како и графиките што се купувани низ изминатите години. Уметничката збирка на дела е формирана во 1973 година по повод 100 години Тутунски комбинат – Прилеп, кога во некогашниот дом на тогашната ЈНА, се отворила изложба со дела од врвни македонски и прилепски автори: Ѓорѓи Ачески, Благоја Богески, Стеван Василески, Кирил Гегоски, Јордан Грабулоски, Ангеле Иваноски, Методија менде Иваноски, Кафкалески Илија, Бранко Конески, Димитар Кондоски, Миле Корубин, Рубенс Корубин, Васил Костов, Борко Лазески Илија Миноски и други. Со набавката на ликовни дела на темата „Тутун“ е започната откупната активност. Најпрво биле откупени делата од рускиот уметник Славин.

За оваа изложба, наведено е во каталогот, тогаш уметникот Миле Корубин забележал дека „изложбата ни дава можност, во извесна смисла, да се согледа развојот на ликовната уметност на прилепчани, за кои може да се каже дека се рожба на тутунот и гордост на својот град“. Подоцна, се објаснува во каталогот, биле набавени осум оригинални графики од 19 и 17 век и две мошне ретки репродукции. Во 1975 година кон збирката биле додадени вредни уметнички плакати од постари изложби на тутунски музеи. Има и неколку скулптури. Ликовната збирка на Музејот за тутун и Институтот за тутун има интернационален карактер и се објаснува во каталогот дека содржи 60 масла на платна, лесонит или картон, 14 акварели, две дела се темперни, шест во пастел, има пет цртежи во молив и туѓ, три колажи, две дела се во комбинирана техника, девет графики, една дитографија, шест бакрописи, осум плакати, 528 каширани фотографии, осум скулптури, две макети, една монографска публикација отпечатена во 17 век и факсимил на оригиналниот Рацинов ракопис на „Менка“ (Ленка), што е вредно македонско богатство.
Од 2013 година, ликовната збирка има највисок степен на музејска заштита. Читателот може да прочита за секој автор поединечно, со посебен акцент за белогардејската уметност создавана на прилепско тло. Најпрво со престојот на Митрофан Косенко Петрович, па потоа на Николо Славин и Константин Подушкин. Неизбежно во каталогот, има објаснување и за кашираните фотографии, направени од фотографот Бранко Јелиќ, за плакатите на кои се претставени тутунот и неговата употреба, и за графиките. Каталогот целосно е финансиран од Институтот за тутун. Ка.М.