„Dulcia Sonant“ е новиот фестивал во Прилеп, што на 16 и 17 октомври го организира ЦК „Марко Цепенков“со поддршка на Министерството за култура.
Фестивалот на рана музуика, кој се организира за првпат беше најавен денеска на прес-конференција.
Ана Митоска и самата учесник во фестивалот и дел од организацијата рече дека „Dulcia Sonant“, отвора ново поглавје во музичкиот живот на Прилеп и Македонија.
– НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп со особена чест го најавува првото издание на фестивалот за рана музика „Dulcia Sonant“. Името, преведено како „The Sweetness Sounds“ или „Благозвучие“, поетски го одразува духот на фестивалот – тивки, длабоки и моќни звучни светови кои нè водат кон заборавени предели полни со убавина. Фестивалот отвора нов простор за слушање на музиката од минатите векови и го истражува нејзиното влијание и врските со македонското културно наследство, преплетувајќи го со поширокиот европски духовен и уметнички контекст – посочи Митоска.
Два дена ќе бидат исполнети со звуци од византиската, ренесансната и средновековната музика, а за првпат во Макеоднија ќе се слушне редок инструмент – портативна оргула, ќе има моќни хорови и магија од едно одамна замолчено време. Влезот за фестивалот во кино „Мис Стон“ е слободен.
На 16 октомври од 20 часот е првиот концерт „Помеѓу Кукузел и Палестрина“, на хорска музика, кој го спојува византискиот и ренесансниот израз, правејќи компарација и музичко претставување на сакралната музика на западната и на православната (источна) европска музичка оставштина.
Изведувачи се хоровите „Св. Петка“ и „Пелагонитиса“ под диригентство на Гоце Секулоски, кој истакна дека фестивалот е многу значаен.
На 17 октомври, исто од 20 часот, е концертот „Средновековни еха“ – патување низ неисцрпните музички богатства на шпанската и европската средновековна традиција.
Ќе настапат Cristina Alís Raurich (Шпанија) на портативна оргула (organetto) и Ана Митоска (Македонија) – глас.
Кристина Раурик посочи дека и е чест и задоволство да учестува на Фестивалот на рана музика.
– Фестивалите од ваков вид се многу важни. Ја приближуваат убавината до луѓето, а понекогаш и овозможуваат да откријат мозаик кој може да стане нивна омилена музика и да ги инспирира. Се надевам дека фестивалот ќе продолжи да расте и да носи многу уметници, репретоари и музички традиции во Македонија, која има гостопримливи луѓе – рече на прес-конференцијата Кристина Раурик, по повод Фестивалот на рана музика.
Ка.М.