Фото: КИЦ Истанбул

Во среда, на 8 октомври, со почеток во 19 часот, во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул ќе биде отворена изложбата Простори на конјункција“, во организација на КИЦ Истанбул и Националната галерија на Македонија. Настанот претставува нова страница во соработката меѓу двете институции и ретка можност истанбулската публика да се запознае со најдоброто од современата македонска уметност.

Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците отвораат дијалог меѓу индивидуалното и општественото, претворајќи го уметничкиот чин во простор на тензија, симбиоза и интерпретација. Изложбата го утврдува уметничкиот израз како динамичен простор во кој личните и интимни фрагменти се преплетуваат со колективната меморија и културните матрици.

Фото: КИЦ Истанбул

Простори на конјункција“ е емотивно и визуелно патување низ спомени, граници и културни слоеви, документ и мапа на времето во кое живееме. Уметноста тука не е стабилна, туку жива и променлива, како колаж што постојано се составува повторно.

На изложбата се претставени авторите: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Георги Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јовановски, Марико Исеини и Игор Сековски.

Кураторскиот тим е составен од д-р Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска.