Донесен новиот закон за македонскиот јазик
На собраниска седница беше изгласан новиот закон за употребата на македонскиот јазик, а министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по тој повод порача дека чувајќи го македонскиот јазик ги зацврстуваме државноста и темелот на нашиот идентитет.
– Денеска правиме вистински потфат во унапредувањето на јазикот и зацврстување на македонскиот идентитет. Односот спрема јазикот претставува детектор што јасно ги покажува нашите намери и на сите оние што учествуваа во транспарентната постапка на неговото изготвување. И на јазикот се кршеа копја и се водеше политикантство, но покажавме дека со јазикот, културата и македонскиот идентитет нема компромиси – рече министерката за култура.
Таа објасни дека со изгласувањето на овој закон добиваме нов и современ закон за македонскиот идентитет и култура, но и закон што е пример како треба да се изработува еден правен акт што е од заеднички интерес, а тоа е со широка јавна дискусија и соработка на сите засегнати страни. Таа упати благодарност до сите членови на Советот за македонски јазик, до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, до реномираните лингвисти, македонисти и професори, кои своето искуство, како што нагласи, својот интелектуален и стручен капацитет ги вложија во изработката на овој закон. Министерката за култура им се заблагодари и на вработените во Министерството за култура и на пратениците од сите пратенички групи, кои со своите забелешки изразија подготвеност амандмански да учествуваат во неговата финализација.
Министерката објасни пред пратениците дека стариот закон, од 1998 година, кој претрпе само некои незначителни измени со текот на годините, ја изврши својата првична функција, но сè повеќе се забележуваа непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик. Затоа, додаде таа, во државата постои сериозно јадро на институции и професионалци, кои многу грижливо и систематично го штитат и го унапредуваат македонскиот јазик.
– Постојат интелектуалци што со својата работа потврдуваат дека македонскиот јазик не е загрозена категорија, тој е жив и почитуван. Наша е обврската, како политичари, како пратеници, да го поддржиме, да го унапредуваме, да го промовираме и да го афирмираме – додаде министерката за култура.
Новиот закон содржи многубројни решенија и механизми за градење соодветна јазична политика, дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба. Со овој закон, меѓу другото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта. Со доследната примена на овој закон ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик.
За вршење инспекциски надзор над примената на законот ќе се основа инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, а законот дава правна основа за донесување национална стратегија за македонскиот јазик. Од овој закон произлегуваат многу важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици во четврта година од средното образование и на додипломски, магистерски и докторски студии, со што се прави голем исчекор кон мотивирање на младите за проучување на македонскиот јазик.