Во „Бистро“ („Театар Комедија“) се одржа промоцијата на збирката раскази „Не правете го тоа во мојот автомобил“ од Емил Крстески, која е 245. издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“. Писателот Александар Прокопиев ги претстави расказите пред присутните, а извадоци од нив прочита актерката Калина Наумовска.
– За какви раскази, всушност, станува збор и кога бившата жена на нараторот од последниот расказ вели такви („Зошто пишуваш такви раскази“) и кога јас уште во насловот на поговорот велам вакви? За лични, сочни, јадри, отворени, полнокрвни и жуборливи, напати дури и скокотливи и смели, сугестивни, кокетно и хедонистички раскажани и во јас-форма и во сезнајно трето лице; автофикциски прошетки низ сопствениот, но и низ туѓите животи; стварносни вдомени во фикција, но и фикциски вдомени во стварност; документаристичко-патописни со недвосмислена прозна амбиција наспроти лежерноста на нарацијата и дневничкиот тон – вели писателката и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска во поговорот од книгата.
Авторот Емил Крстески е политиколог, прозаист и сликар, доктор по политички науки. Досега има објавено шест книги од областа на меѓународните односи и две збирки раскази: „Три дена во Париз“, (преведена на српски јазик, промовирана во Нови Сад, Шибеник и во Прага) и „Флик ен флак“. Има реализирано и три самостојни, а учествувал на две групни изложби. Бил државен советник во кабинетот на претседателот на Собранието, директор на Државниот архив и наш вонреден и ополномоштен амбасадор во Чешка. Четири години живеел во Стразбур (ги следи сесиите на Европскиот парламент) и три години во Њујорк (докторска дисертација).