Осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот јазик се чествува и во Словенија

Осумдесетгодишнината од кодификацијата на македонскиот јазик се чествува и во Словенија. Во Крањ се одржа првата промоција на двојазичната монографија „80 години македонска азбука“, објавена на македонски и на словенечки јазик, која всушност е единствена монографија по повод големиот јубилеј за македонистиката објавена надвор од Македонија. Со ова, словенечката македонистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана предводена од истакнатата словенечка македонистика и славистка Намита Субиото и македонската заедница во Словенија се издвојуваат со најдостоинствено чествување на големиот јубилеј за македонскиот јазик и за македонската држава во некоја од странските културни средини. Субиото е и уредничка и идеен творец на капиталната монографија, а издавач е Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, додека објавувањето е остварено со финансиска поддршка од словенечкото Министерство за култура.
На промоцијата, за монографијата говореше Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој е и автор и на текстот во кој во монографијата се објаснува и вреднува процесот на усвојувањето на македонската азбука и правопис, се дава осврт на други јубилеи поврзани со изданија на значајни публикации што ги обликувале развојот и кодификацијата и се отвораат прашања за предизвиците со кои се соочува македонскиот јазик денес.
– Од сето објавено и промовирано во оваа 2025-та, кога чествуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, токму оваа книга, објавена овде, во Словенија е најмоќната потврда на овие зборови кажани пред седумдесетина години. „Без романтичарски занеси и без националистички егзалтации“, изданието приредено од проф. д-р Намита Субиото, го потврдува тој историски факт на најдостоинствен начин – поврзувајќи ги времињата и генерациите, филтрирајќи дел од највредното во современата македонска книжевност и промовирајќи го македонскиот јазик како инспирација и како најмоќно орудие за израз на своето „јас“ и на оние што го говорат и стотици километри од државата во која тој е официјален и државотворен – Македонија. Оваа книга, на дело го покажува тој брз, динамичен и сложен растеж што се остварува токму преку она што е доминантно и во ова издание – книжевноста – посочи Антоновски.
Како што беше истакнато во промотивната реч, во оваа јубилејна година, најдостоинственото чествување на кодификацијата на македонскиот јазик надвор од македонските граници се случува токму во Словенија, и тоа со сето она што резултираше со ова издание.
– Затоа што она што оваа година се случува во Словенија е многу повеќе од чествување – сето она што доведе до оваа книга е влог не само за одбележување на оваа 80-годишнина туку и влог за следните 80 години. Оваа книга нема да биде само сведоштво за оствареното и нема да биде само пример како достоинствено се афирмира македонското слово, кое своето најцврсто упориште го има во книжевноста и воопшто во културата, туку и влог за генерациите што треба да останат по нас, а кои преку оваа публикација (ќе) можат и да го научат македонското слово, и да се запознаат со дел од највредното напишано за и со него – да имаат поттик да се изразат со него како што го прават тоа нашите современици, нивни претходници во Словенија – порача Антоновски, по што одделно се осврна на значајните јубилеи за македонскиот јазик и на содржините на монографијата.
Покрај деталниот осврт за кодификацијата на македонскиот јазик и за актуелни прашања за него, монографијата содржи и дел „Литературна ризница“ со избрана поезија на врвни македонски поети и поетеси од различни генерации, со мотиви на азбуката, писмото и мајчиниот јазик, во оригинал и превод на словенечки јазик на Алеш Мустар, Намита Субиото и на студентките по јужнословенските студии на Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана. Во суштина, станува збор за исклучителна основа на тематска антологија на современата македонска поезија, па и книжевност – и тоа воопшто прва со оваа тематска и мотивска одреденост.
Во делот од монографијата насловен „Буквосвет“, на македонски и во превод на словенечки јазик остварен од страна на младите словенечки македонисти, се објавени фрагменти за секоја буква од македонската азбука од текстовите на Горан Стефановски во легендарната „Бушава азбука“. Ова, всушност, е првиот превод воопшто, а не само на словенечки јазик, на најлегендарниот буквар на македонската азбука – издание со најголемо влијание кај многу генерации од средината на 80-тите години наваму.
Двојазичната монографија „80 години македонска азбука“ содржи и дел „Креа(к)тивност“, во кој најпрво се објавени наградените песни од литературниот конкурс „Јазикот и зборот – чувари на македонската традиција“, кој се одржа во април 2025 г. по иницијатива на Фросина Богдановска. Во овој дел од монографијата се објавени и расказ од Соња Цекова Стојаноска и ликовни творби од Борe Митовски и Сашка Митрова, а потоа и есејот на Домен Димовски, во кој се претставува избор од плакати за тринаесетте ликовни колонии во организација на МКД „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ (2013–2025), на кои учествувале голем број академски сликари под раководство на академскиот сликар Богe Димовски.
Последниве децении се објавени не мал број зборници со обиди за пишување поезија и проза од македонски иселеници, заеднички со автори од Македонија, но овој избор се издвојува со критичкиот однос кон естетските вредности, препевот и настојувањето да не е само „македонствување“ туку да е влог во естетската вертикала на книжевноста, што се потврдува и преку распишаниот конкурс што потврдува дека македонскиот јазик, за Македонците во Словенија не само што е најсоодветниот начин да се искажат туку е и чин на себепрепознавање и меѓусебно поврзување.
Во последниот дел на монографијата е претставен и портретот на Илија Димитриевски, еден од најактивните членови на МКД „Св. Кирил и Методиј“ – Крањ и на Сојузот на МКД во РС, подготвен од Матеја Богдановска (текст) и Мира Уршиќ (слика) по повод неговиот осумдесетти роденден.
– Се разбира, не можевме сè да вклучиме во оваа публикација, чија цел е културно-уметничко воспитување, образование и одржување на врската со матичната култура, како и претставување на творечката енергија на членовите на македонските културни друштва во Словенија. Книгата е двојазична, со што поттикнува меѓукултурен дијалог, запознавање и интегративно дејствување. Во нејзиното создавање учествуваа повеќе образовни институции (избрани словенечки основни училишта, Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје) и различни генерации (предучилишни деца, основци, студенти, средна генерација и пензионери), како и македонските културни друштва обединети во Сојузот на македонските културни друштва во Република Словенија – истакнува уредничката Субиото.
Промоцијата на монографијата „80 години македонска азбука“ се одржа во рамките на традиционалната манифестација „Прешерново оро“.
Оваа монографија е и единствена публикација воопшто објавена како резултат на активности по повод осумдесет години од кодификацијата на македонскиот јазик. Сите други планирани публикации, вклучително и оние што треба да бидат објавени во Македонија, се очекува да бидат објавени следната 2026 година.