Во Музејот на македонската борба беше промовирана монографијата за Гого Попов–Стариот, дело што преку текст и уникатни фотографии ќе нѐ запознае со почетоците, историјата и развојот на планинарењето и скијањето во Македонија во периодот од почетокот на дваесеттите години, па сѐ до крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Монографијата тематски е поделена на три сегменти: Семејство и живот, Фотографија и професија и Планина (планинарење и скијање).
Оваа монографија е единствено дело од ваков вид во Македонија. Освен тоа што во неа може да се најдат информации за историјата на планинарењето и скијањето, истата таа содржи околу 500 фотографии направени од Гого Попов-Стариот, кои ќе ве вратат во едно време што носи толку носталгија, бидејќи тоа што тие тогаш го работеле, го живееле, почувствувале и виделе, речиси е неповторливо.
– Следува прашањето кој е Гого Попов-Стариот? Дел од повозрасните планинари и скијачи го паметат ова име, но на помладите тоа не им е познато. За тоа кој е Гого Попов, најдобро е да се прочита од книгата, а во една реченица за него може да се пише: дека тој е човекот што меѓу првите ги овековечи македонските планини, човекот што меѓу првите започна да организира, да едуцира и да поставува стандарди. Професионален фотограф, планинар, скијач, тренер, инструктор, спасител, идеолог, ентузијаст, професионалец! Човек – легенда – беше кажано на промоцијата.
Издавач на оваа монографија е планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, кој следната година ќе прослави 100 години од своето постоење, а автор на истата таа е сегашниот претседател на клубот, Јован Божиноски. Бидејќи се работи за монографија што содржи голем број информации за настани што се случиле во минатото, нејзината подготовка, поточно прибирањето податоци за да се подготви, траеше повеќе од дваесет години.