Новата книга „Околу три по полноќ“ од Димитрие Дурацовски беше промовирана во „Литература.мк“. Промотори на делото, кое е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, беа Влада Урошевиќ, кој го напиша пoговорот на книгата, и уредничката Оливера Ќорвезироска.
„Околу три по полноќ“, која е прва публикација на Дурацовски по пауза од една деценија, е уникатно издание, отпечатено со две различни корици: празничен примерок и делничен примерок. На неодамна доделените награди на Македонската асоцијација на издавачи, на Саемот на книгата 2025, книгата освои второ место во категоријата за највпечатлив целосен дизајн (корица и внатрешност) на издание за возрасни. „Околу три по полноќ“ е многу нешта: хибридна проза, експериментален роман, несекојдневен дневник… прегратка меѓу текстуалното и визуелното, меѓу дарбата и знаењето… но, над сè – раскошен каталог на едно широко време и едно длабоко постоење. Бесценет експонат од изложбата на современата македонска книжевност. Станува збор за речиси графички роман, каде што визуелното е еден вид доработка на раскажувачкиот ритам на Дурацовски. Во книгата се вклучени повеќе од 120 фотографии, плакати, омоти од книги и плочи, како и уметнички слики, сè со целосна реализација на хибридниот текстуален концепт и на визуелно ниво.
Во дизајнот на кориците, чиј автор е Марко Трпески, искористена е слика од самиот Дурацовски, врз која е интервенирано со негова фотографија. Колажната постапка на Трпески создава несекојдневен визуелен ефект, каде што авторот на книгата и на сликата се појавува како реален лик: еднаш во костум (празничен примерок), другпат во обична кошула (делничен примерок).
Димитрие Дурацовски (1952) е писател и сликар, кој работел како ликовен соработник во Народниот музеј во Струга. Тој ѝ припаѓа на т.н. петта генерација, односно петтиот круг на автори што се појавија на македонската книжевна сцена во 1980-тите години. Тој е и предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија. Целиот негов опус е обележан со постмодернистичка естетика. Во 2023 година, во Националната галерија „Чифте-амам“, беше отворена неговата ретроспективна изложба „Ветар параклет“, прва по речиси 40 години неизложување.