Во Паркот на франкофонијата е промовирана графичката книга „Влажна симболична меѓуигра“ на Марија Трајаноска и Ѓорѓи Митревски.
„Влажна симболична меѓуигра“ е графичка книга што нуди невообичаен поглед на интимната комуникација помеѓу два карактера. Овие карактери во различни ситуации, кои се исполнети со несвесни емоции и жестоки контрасти, се вплетуваат во бескраен дијалог, создавајќи неизмерни интерпретации на човечките интимни состојби. Секоја сцена е цртана интуитивно, без каква било предумисла, одразувајќи ги основите на надреалистичкиот принцип наречен „прекрасен труп“. Книгата е печатена во ситопечат.
Проектот е финансиски поддржан од Министерство за култура и туризам и од Општина Центар.
Ѓорѓи Митревски, роден во 1973 година во Битола, е магистер по стратегиско комуницирање на Институтот за комуникациски студии во Скопје, со курс по фотографија во Македонскиот центар за фотографија во Скопје. Тој досега имал голем број самостојни и групни изложби.
Марија Трајаноска, родена во 1996 година во Кичево, дипломирала во 2019 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. м-р Антони Мазневски, на насоката сликарство – отсек конзервација и реставрација. Таа е добитничка на студентската награда за инвентивни достигнувања во областа на сликарството „Борко Лазески“. Исто така била дел од повеќе групни изложби и имала две самостојни изложби.