Членовите на уметничкиот кружок „Кино Дирижабл“.
Нова книга на Епископот Давид (Нинов) и проф. Синоличка Трпкова
  • Уметничкиот кружок „Кино Дирижабл“ наметна изострени критериуми

На 30 Септември, во исполнетата сала на Салонот 19:19 (КИЦ – Скопје), се одржа една несекојдневно убава промоција на бележитата книга „Проникнување“, епистоларна проза на Епископот Давид (Нинов) и проф. Синоличка Трпкова. Книгата ја отпечати книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, оваа 2025 година. Целиот настан беше осмислен од впечатливиот уметнички кружок „Кино Дирижабл“, кој, со професионалниот пристап и богатиот музичко-книжевен колаж, наметна изострени критериуми за промоција на една книга.

Во уметничкиот дел на промоцијата брилијантен настап имаа членовите на споменатиот кружок: Драган Ампов, Сашо Гигов Гиш, Марко Димовски, Кирил Јосифов, Биљана Јосифов, Иво Настевски, Јанинка Невчева, Епископ Давид Нинов, Злата Тошевска-Димовска, Синоличка Трпкова.

На фотографијата се, од лево кон десно: Епископ дремвитски Давид, Синоличка Трпкова, Сашо Гигов Гиш, Академик Катица Ќулафкова и Епископ хераклејски Климент

За книгата, пак, вдахновено говореа промоторите, Епископот хераклејски Климент, Академик Катица Ќулавкова и Сашо Гигов Гиш.

Епископот хераклејски Климент карактеристично истакна: „јасно е дека дијалектичката синтеза на авторските проникнувања, најмногу се открива во обидите да се растворат наметнатите граници помеѓу теологијата и уметноста на филмот. За Епископот Давид теологијата „ги открива трагите на вистината во уметноста“, на друго место дополнувајќи дека „уметноста на градење личносен однос е основата на животот на секој човек“. Епископот хераклејски Климент уште додаде дека теологијата не само што ја оправдува и уважува уметноста во сета нејзина бујност и разновидност, туку истата смета дека и Самиот Бог ја оправда уметноста со тоа што се јави, во тело, во конкретно телесно постоење, и така себе си се направи претставителен во тварната, на сетилата достапна, форма.

Академик Катица Ќулавкова, пак, предочи дека: „книгата Проникнување, колку и да е втемелена врз сериозни филозофски и богословски сознанија, достапна е за читање исполнето со задоволство за секој читател отворен за Царството Небесно, уметничко и човечко“, а во еден нејзин коментар напиша: „извонредна, оригинална, интересна книга. Ја препорачувам од сѐ срце“.

Поетот Сашо Гигов Гиш во неговиот осврт истакна: „Епископот Давид и Синоличка, истапија и се објавија, што се вели од аскеза до екстаза, како подвижни засолништа на прогонети убавини, двајца глобтротери со импресии од глобалните мегаполиси, коишто, наспроти тежнението на Богдан Богдановиќ кон совршениот утописки град, (во книгата) како нивен фокус го имаат тежнението кон совршениот човек“. 

Ж.З.