На Филозофски факултет беше промовирана книгата „Антологија на античката лирика“, издание што првпат на едно место ги обединува речиси сите досега преведени поетски творби од античкиот свет на македонски јазик, дополнети со нови препеви на неодамна пронајдени текстови.

Станува збор за обемен и сеопфатен избор од лирска поезија од Античка Хелада и Рим, кој претставува значаен придонес во македонската културна и научна продукција. Делото е резултат на долгогодишна работа на повеќе автори и преведувачи, а го приредија професорите Весна Томовска, Даниела Тошева и Војислав Саракински.

– Ова издание претставува капитален потфат кој создава мост меѓу древноста и современоста. Во него е вложена огромна научна и творечка енергија, а со тоа нашата култура добива дело со трајна вредност – изјави проф. д-р Оливер Бакрески, декан на Филозофскиот факултет.

Тој додаде дека со вакви проекти институцијата ја зацврстува својата улога во афирмацијата на класичната цивилизација и нејзината современа релевантност.

Антологијата, објавена од Чудна шума, на повеќе од 500 страници содржи дела од 110 поети, придружени со обемни научни осврти за периодите и жанровите.

Особено значајно е што дел од текстовите за првпат се достапни на македонски јазик, вклучувајќи и творби од хеленистичката лирика и нови откритија од римската поезија.

– Со оваа антологија не само што се пополнува една празнина, туку се проширува и нашиот културен и научен хоризонт – истакна проф. д-р Ратко Дуев, промотор и рецензент на делото.

Професорката Даниела Тошева нагласи дека античката лирика има многу пошироко значење од книжевноста.

– Овие текстови не се само поезија, туку и вреден извор за разбирање на историјата, културата и мисловниот свет на античките цивилизации – посочи Тошева.

Во антологијата се застапени препеви на повеќе генерации македонски преведувачи, меѓу кои Елена Колева, Љубинка Басотова, Валериј Софрониевски, Светлана Кочовска-Стевовиќ и Методија Тасевски.

Изданието се оценува како едно од најзначајните во областа на класичните студии кај нас, кое отвора нови перспективи за истражување и популаризација на античката книжевност.