Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, Бугарија, се одржа промоција на романот „Последното име на иднината“ од Живко Грозданоски. Книгата, во превод на бугарски јазик од Маријан Петров, излегува како издание на софиското издаваштво „Букс фор ол“. Живко Грозданоски, писателот на романот и нов претседател на Друштвото на македонските писатели, ќе отпатува специјално за настанот во македонскиот КИЦ во Софија, за да го промовира своето литературно дело и да се сретне со софиската публика.
За квалитетите на романот ќе говори литературниот критичар и издавач Пламен Тотев, како и преведувачот на романот и писател Маријан Петров. Станува збор за приказна за телата, осаменоста, патувањата и животите што ги живееме и замислуваме, постигнуваме и сакаме да ги паметиме. Приказна за најголемата темнина, но и за светлината на крајот од тунелот и за сите нешта што чудесно и навреме доаѓаат на свое место.
Живко Грозданоски дипломирал на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на Катедрата за романски јазици и книжевности, на Катедрата за италијански јазик и книжевност. Учествувал на повеќе меѓународни резиденции и студиски престои во САД и во Италија. Автор е на романи, раскази, поезија и книги за деца. Номиниран е за најголемите награди во Македонија („Рациново признание“, „Роман на годината“). Во јуни беше избран за претседател на Друштвото на писателите на Македонија.