Во Културно-информативниот центар – Скопје се одржа промоција на последниот објавен книжевен препев на Драги Михајловски – најновото еднотомно издание на „Три“ од поезијата на Руми, „Големата црвена книга“.
Џелаледин Мевљана Руми е еден од најголемите, најчитани и најтолкувани поети во светот. Неговите стихови претставуваат непроценливо светско наследство и досега се препеани од повеќе македонски преведувачи и поети. Меѓу нив, освен познатиот препев на Драги Михајловски, се вбројува и Ана Пејчинова, која ќе биде промоторка токму на ова дело. Заедно со Ирена Јурчева, која е втората говорничка на настанот, и Виолета Танчева-Златева во улога на модераторка, таа ќе зборува за поезијата на Руми и ќе се обиде да проникне во длабочините на овој препев. „Добрата поезија е над сите граници и не може да биде ограничена ни од религијата ни од времето“, се вели во предговорот на ова издание, а меѓу кориците на оваа книга е собрана токму таква поезија.
– На настанот заедно нурнуваме во стиховите за божественоста, за љубовта и страста, за копнежот и пријателството. И не само во поезијата на Руми туку и во тајните на преведувачкото мајсторство, на магијата што тоа ја создава. Ако може да се каже дека преведувачот е коавтор на делото, тогаш Драги Михајловски е навистина тоа. Тој успеал да ги почувствува емоциите и да ги обликува во мозаик во кој е претставено целокупното човеково искуство – вели издавачот.