Фото: Фејсбук / Фан клуб на Весна Мојсова Чепишевска

По точно три години од големиот книжевен спектакл што го одбележа пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во Кино „Милениум“, и по големиот успех на оваа книга што досега доби 6 изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се враќа со роман што ветува нов успех од широки размери. Синоќа на Малата сцена во МНТ, се одржа промоција на „Александар јава на запад“, новиот роман од Андоновски.

На настан осмислен како отворен разговор наместо како традиционална промоција, пред многубројна публика од различни сфери, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и новинарот Ерол Ризаов го претставија „новиот“ Андоновски. Тие го приближија романот, нудејќи насоки за неговото читање и подвлекувајќи го значајното влијание на Андоновски врз современата македонска литература и пошироко врз општеството.

-Да се пронајде нов начин на читање, да се поведе некоја друга, нова игра со читателот, тоа во прв план го истакнува Андоновски во својата поетика. Читателот е ставен во центарот на вниманието, тој не е ни пасивен конзумент, ниту пак е надвор од самото дело, овој пат од она што ти го именуваш како „чекајќи романот“ или поточно она што запишувачот псевдо Венко Андоновски го истакнува кога вели: „некому можеби ќе му заличи на роман, некој можеби ќе препознае во него современ историски роман од типот на Војна и мир, некој ќе рече – ова е новела, но ова не е сигурно ниедно од тие нешта“. А ти, Венко, ги ослободуваш и Александар и Гоце Делчев, од цврстата историска матрица, ги извлекуваш од историските читанки (од таму каде што најмногу ни наоѓаат забелешки нашите соседи), ги ослободуваш и од документите, списите, архивите … – рече Мојсова-Чепишевска

Андоновски, омилен меѓу читателската публика, универзитетски професор и почесен член на МАНУ, е автор, меѓу другото, на 2 книги поезија, 3 книги раскази, пет романи, 1 прирачник за креативно пишување, 18 изведени театарски пиеси, и едно сценарио за игран филм.

-Со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени. Со овој роман Андоновски ја отвора можноста за повторно враќање на театарските сцени со нов сјај. Дотогаш на читателите им преостанува да се нурнат во пишаното – наведуваат од Издавачкиот центар ТРИ.