Фото: Марјан Димитров

Четвртата книга на Марта Димитров, романот со наслов „Куќата на тетка ми“ во издание на „Антолог“, синоќа беше промовирана во градската библиотека „Феткин “ во Кавадарци. „Куќата на тетка ми“ е едноставно четиво кое има за цел да му овозможи на читателот да нурне внатре во себе и да посегне по креирање на личноста според вредности на едни поодминати времиња кои делумно или целосно се избришани од новите трендови.

Главниот лик во романот Сара е сѐ уште тинејџерка, но еден летен ден при посета на нејзината тетка добива предлог кој бара голема одговорност и таа го прифаќа без многу размислување. Имено додека тетка ѝ престојува кај својот син во Нов Зеланд таа ќе биде задолжена за одржување и надгледување на куќата со наговестување дека ако постапува како што треба еден ден ќе ѝ припадне нејзе. Уште првиот ден кога Сара доаѓа во куќата да ги изврши своите одговорности, забележува чудни работи кои се случуваа внатре.. Всушност, доаѓа до сознание дека секогаш е наградена на одреден начин кога постапува како што треба. Во моментот кога ја открива скриената соба со книги, мистериите се продлабочуваат, а Сара стои пред големи внатрешни предизвици кои понатаму ја дефинираат како личност, но го одредуваат и резултатот од договорот со тетка ѝ да ја наследи куќата.

Фото: Марјан Димитров

Како што вели Марта Димитров, нејзиниот роман е наменет за млади тинејџери со цел да им раскаже приказна во која нештата се видливи од еден почуден агол заедно со спознанието дека формата на надворешниот свет и околината се менувани, но некои вредности подеднакво важат за сите генерации.

Марта Димитров е дипломиран филолог и преведувач по англиски и германски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ во Скопје, а магистрира по меѓународен бизнис со странски јазици. Креативното изразување во писмена форма станува дел од нејзиното секојдневие , кога интензивно пишува поезија на својот онлајн-блог на англиски јазик. На романот „Разголена душа“, кој е прво печатено дело, му претходи уште една романса која останува да постои во електронска форма. Во 2018 година ја издава и стихозбирката „Мојот храм е внатре во мене“, додека романот „Шардоне и шпагети карбнара“ е втора романса во која прави обид да ги спои психолошкото, поучното и љубовното нарекувајќи го „навидум љубовен роман“.