Промоцијата на првиот број за 2025 година на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп
– Време е плодовите од гранките на дрвото на мудроста, кои се стремат кон единство со сончевата облагородувачка светлина и посегаат по небото како единствена граница на духот и креативноста, од срце да бидат приложени пред пошироката јавност и читателска публика. Промотивната дружба има цел делумно да приближи дел од содржините што се објавени во најновиот број на списанието до неговите читатели и почитувачи, едновремено и да ги заинтригира да нурнат во остатокот од содржинската литературна и културна понуда на страниците од „Стремеж“ – вели главниот и одговорен уредник на „Стремеж“, Александар Еленин.
Првиот број во 2025 година едновремено е и прво издание уредено од новата уредничка редакција на списанието: Александар Војнески (главен уредник), Владимир Мартиновски (уредник), Давид Стојаноски (уредник), Наташа Атанасова (уредничка) и Виктор Јованоски (технички уредник).
Дизајнот на насловната страница е на Катерина Трајановска, а јазичната редакција (лектура) на Христина Ангелеска-Мијоска.
Новиот број на „Стремеж“ содржински донесува авторски дела и препеви поделени во неколку блока.
Во поетскиот блок на авторска поезија се застапени: Владимир Мартиновски со седум зооминијатури (Џебен бестијариум) – „Гуштер и камен“, „Полжав без дом“, „Комарец“, „Пеперуга“, „Гласот на паунот“, „Мачја песна“ и „Песја песна“; Ана Стојаноска со три песни – „Отпосле тишината“, „[Не]мирна“ и „Вистина“; Миладин Угреновиќ со три песни – „Писание“, „Чекање“ и „Мисла“; Цветанка Невчева со три песни – „Погрешни ноти“, „Биди добар човек“ и „Анатомија на чувствата“.
Во блокот со препеви/преводи се застапени: францускиот поет Лорен Грисон со седум песни, избор и препев на Владимир Мартиновски – „Шепотот на живите“, „Аргонаут“, „Знак на еднаквост“, „Сок“, „Да се заврти сводот“, „Бело“ и „Концерт“; рускиот поет Николај Гумиљов со две песни, избор и препев на Елена Карпузовска – „Жирафа“ и „Папагал“; полската поетеса Кажимјера Илаковичувна со четири песни, избор и препев на Звонко Димоски – „Кога ќе проникне изворот“, „Исповед“, „Предупредување“ и „Очекување“; чешкиот поет Јан Скацел, избор и препев на Диме Митревски – „Краток летен опиц“, „Молитва“, „Мали станици“ и „Тажалка“; бугарската поетеса Поли Муканова со две песни во препев на Зоран Јакимоски – „48 часа“ и „Во центарот на станицата“.
Со прозни дела се застапени: Александар Доневски со два расказа – „Елипса“ и „Самсара“ и Петре Димовски со „По беспатјето до животот – завитка во вреќа од волна“.
Во драмскиот блок интегрално е објавена монодрамата „Ложа“ од Марио Стојаноски.
– Во блокот посветен на критики, есеи и студии се застапени Никола Пијанманов со неговиот ликовно-уметнички осврт „Сенките на Гоја“ и Кирил Бисероски со филозофско-естетичкиот есеј „Клајновото уметничко дело – меѓу естетиката и идеологијата„ – вели уредникот Александар Војнески Еленин.
Од редакцијата на списанието најавуваат дека до крајот на 2025 година ќе излезе уште еден, засебен, втор број на „Стремеж“. Ка.М.