Фото: Плакат

Промоција на сликовницата „Потрага по храброст“ од авторката Биљана Стојановска со илустрации на уметникот Владимир Лукаш, ќе се одржи в недела (27 април) во КСП Центар „Јадро“ со почеток во 12:30 часот.

Промотор ќе биде Билјана Црвенковска, а извадоци ќе читаат младите читатели Давид Ангелкоски (10) и Исак Стојановски (6).

Промоцијата ќе се заокружи со музички настап на ВИС „Тркалезна маса“: Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Васко Марковски, Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш и Биљана Стојановска.

Сликовницата е во издание на „Чудна шума“.

– „Потрага по храброст“ е сликовница која зборува за потрагата по храброст и самодоверба, наменета за најмалите читатели. Малата ластовичка Верка е последна од ластовичките во гнездото што сѐ уште не научила да лета. Откако мајка ѝ ќе ѝ каже дека треба да ја пронајде храброста за да полета, Верка поаѓа во потрага. Потрага по храброст – велат од „Чудна шума“.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.
Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“.
Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Tретата поетска книга ,,Додека спиеш” е објавена во 2024 година во издание на ,,Чудна шума”.
Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист. Активно работи во сите сфери на уметноста.