Вечерва, во 20 часот, во кафе-книжарница „Буква“ ќе се одржи промоција на романот „Простување“ од Кица Колбе. Романот го објави издавачката куќа „Или-или“. На книжевната промотивна вечер со авторката ќе разговараат Калина Малеска и Игор Анѓелков, а настанот ќе го води Ненад Стевовиќ.
Акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето се можни и на Балканот, ако не меѓу народите, барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе, и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.
– „Простување“ од Кица Колбе во издание на „Или-или“ е извонреден роман за простувањето и помирувањето како хуманистички чин на надминувањето на траумите од војните и од прогонствата, кои не ги засегаат само конкретните жртви туку се пренесуваат и уште повеќе го усложнуваат и редефинираат идентитетот на потомците – вели жирито на конкурсот за „Роман на годината“.
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и во Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18 век. Неколку години работела на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990 година се посветува целосно на прозата, особено на романот.