Во кафе-книжарницата „Буква“ се одржа промоција на стихозбирката „Раст е ние“, од поетот Исток Ј. Улчар, во издание на издавачката куќа „Илика“ од Скопје. Збирката ја промовираше Јулијана Величковска.
Промоцијата се случи во рамките на 5. Скопски поетски фестивал, каде што публиката веќе имаше можност да го слушне настапот на Исток Ј. Улчар, на второто интернационално читање „Од ритам до алгоритам #2“ на 25 aприл, во Младинскиот културен центар.
Ова е шестата книга песни со претходно необјавен материјал од Исток J. Улчар, за првпат објавувајќи под своето уметничко двородово име Бела. Книгата се состои од пет циклуса со разновидна структура и должина (петтиот циклус е практично диптих), секој со дијаметрално различен сооднос меѓу значенска јасност и јазична игра, меѓу вербална експлицитност и стилски експеримент. Во таа смисла, неговата досега најуспешна песнарка може да се спореди со парабола, чија почетна и крајна точка се најотворено разбирливи, додека оската на симетрија е најотворена за интерпретација.
– Она што е поважно за Улчар и неговата поетика е дека не следи правила, а е строга и логична, концизна, верна на сопствените убедувања. Сонети што се кршат, рими во брз и во бавен ритам, слоговна дестилација, брзозборки слеани во стих, многу архаизам прекроен со модернизам. хумор и иронија, инвокативен тон… ce само некои од квалитетите на овој ракопис – вели за збирката Ана Голејшка Џикова.
Исток Ј. Улчар е германист филолог. Автор е на досега шест објавени книги песни („Сенки низ циркускиот шатор“, 2014 – „Антолог“; „Интензивен курс по агонија“, 2016 – „Темплум“; „Стихотворбите на Хрвоје“, 2018 – „ПНВ публикации“; „Порој од пепел“, 2020 – „Полица“; „Молох 2“, 2021 – „Македонија презент“) и на еден словенечко-македонски поетски избор („Лидија на брегот“, 2020 – независно издание). Настапувал на повеќе поетски читања и фестивали во земјата („Струшки вечери на поезијата“, Поетска ноќ во Велестово и др.) и во странство („Вечер на отворени микрофони“ и фестивалот „Допир на Македонија“ во Белград). Добитник е на првата награда на фестивалот „Бдеење на кокински мугри“ за песната „Вежба“, подоцна објавена во „Молох 2“.