Промоцијата на книгата „Идентитетот е приказна“ – книга за есеистиката на Горан Стефановски, ќе биде промовирана денеска, со почеток во 12 часот, во Дебар Маало, кај спомен-обележјето „Клупата на Горан Стефановски“ на скверот „Јас и ти“. Книгата е објавена по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски автор и есеист од издавачката куќа „Полица“. Ова е прва книга во која детално се анализира и се вреднува есеистичкото творештво на Стефановски и во македонската книжевна наука надоместува прочит и вреднување на исклучително важен дел од опусот на еден од најзначајните македонски автори.
Покрај научната студија на Антоновски, во книгата, која е издадена во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, објавен е и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“. Во книгата, Иван Антоновски констатира дека есеистичкиот текст на Стефановски со своите особености ги надминува досегашните теориски одредби за есејот, по што користи хибриден теориско-критички пристап за да може да се дојде до можни, но и реални одговори на дел од низата прашања отворени со оваа прва толку темелна анализа на есеистиката на големиот македонски драмски писател, но и есеист.