Книгата насловена „Rock N` Beat“ на Михајло Грбевски-Мишко опфаќа педесетина интервјуа со музичари од македонската, балканската и од светската сцена, кои биле објавени во изминативе години во повеќе домашни медиуми
Поранешниот музички новинар Михајло Грбевски-Мишко, в петок ќе ја промовира својата прва книга со симболичен наслов „Rock N` Beat“. Станува збор за второ, дополнето издание, во кое за разлика од првото ќе има и фотографии од некои од музичките соговорници. Промоцијата, која е во рамките на културната манифестација „Скопско лето“, ќе се случува на платото пред музичкиот салон „До ре ми“, во 12 часот, кој се наоѓа во Младинскиот културен центар во Скопје. Промотори на книгата ќе бидат неговите некогашни колеги, новинарите Тони Димков и Ненад Георгиевски.
Настанот ќе биде збогатен со куса музичка програма на која ќе настапи познатиот македонски кантавтор Јаков Дренковски, кој ќе отсвири неколку песни. Неговиот репертоар ќе опфати песни од неговата долгогодишна авторска кариера, но нема да бидат изоставени и песни од светската рокенрол-номенклатура, но овој пат во еден манир на гитарско-акустична варијанта.
– Ова публикација претставува збир на текстови што сум ги пишувал во мојата 18-годишна новинарска кариера. Интервјуата што се наоѓаат во книгата беа објавени во повеќе медиуми во кои сум работел, како што се неделникот „Екран“, дневниот весник „Време“ и неговиот неделен прилог „Ритам“, како и во „Нова Македонија“. „Rock N` Beat“ е моја прва книга, но тоа не значи дека јас тука ќе застанам. Ова е само поттик да продолжам понатаму и во наредните години да ги ставам на едно место и другите мои текстови што сум ги пишувал, затоа што имам уште голем број текстови што чекаат да бидат објавени – вели Грбевски.
Книгата содржи исклучиво интервјуа што Михајло ги правел со домашните, балканските и со светските музички ѕвезди. Таа е поделена на четири поглавја: Рок-пролет, Вечен бунтовник, Валкан Балкан и Звукот на подземјето. Во првиот дел се вклучени музичари од постарата генерација, кои практично го трасираат патот на македонската рок-сцена, како Армен Сурмејан, Гарабет Тавитјан, Влатко Стефановски, Горан Трајковски…
Делот Вечен бунтовник вклучува интервјуа со светски музички ѕвезди од калибарот на Рони Ротен од групата „Секс питолс“, потоа Јан Гилан од „Дип парпл“, Дејвид Ковердејл од „Вајтснејк“, Били Гибонс од „Зи-зи топ“, џез-гитаристот Ал ди Меола и многу други. Интервјуата со музичарите од нашето блиско соседство може да се прочитаат во делот Валкан Балкан. Тука се Душан Којиќ-Која од „Дисциплина кичме“, Зоран Предин од „Лачни Франц“, Милан Фрас од „Лајбах“, Давор Гобац од „Психомодо поп“ и други.
Последниот дел Звукот на подземјето е резервиран за македонските андерграунд-бендови како „ТБ трачери“, „Културно уметнички работници“, „Суперхикс“, „Санаториум“, „Смат“, „Верка“.
Но освен рокерите, тука има и рапери и џезери како што се „Чиста околина“ и Владан Дробицки од џез-составот „Сетстат“.