В сабота напладне, во култното бифе „Тафталиџе“, ќе со одржи промоција на најновата книга на Ставре Џиков, возбудливо, истрајно истражување за злосторството врз легендарниот Че, со автентични сведоштва „од прва рака“, меѓу кои и она на познатиот македонски писател, драматург и дипломат Коле Чашуле.
Ставре Џиков, наш еминентен правник, значаен дејственик во општествените и меѓународните односи во бурните години од македонската историја, досега објавил капитални стручни и историографски дела, меѓу кои „Заговор против претседателот Киро Глигоров“ и „Адвокатите во Република Македонија (1945-2005)“, но и поетски збирки, како и книгата од спортот „Боксерските асови на Македонија“, што сведочи за неговата силна истражувачка љубопитност. Најновата книга во која се проследуваат последните мигови од животот на големиот Че Гевара е убедлив доказ за таа негова сестраност.
Книгата ќе ја промовираат Александар Прокопиев, Гоце Ристовски и Сотир Костов.