Промоција на книгата „Дијалози за слободата“ во авторство на Љупчо Јолевски ќе се одржи в четврток (27 ноември) во галеријата „Метаноја“, со почеток во 19 часот.
Настанот ќе го отвори директорката на „Метаноја“, Нада Милкова, а за книгата ќе говорат Коста Милков и Маја Чанкуловска-Михајловска. За своето дело на публиката ќе ѝ се обрати и авторот Љупчо Јолевски.
– Во книгата се забележани четириесеттина разговори со исто толку современи македонски визуелни уметници работени во периодот пред, за време и по пандемијата. Годините кои по многу нешта го изместија нашето живеење, моментите на преиспитување на нашите поимања на опстојбата и потребата да се креира еден вид отпор и жед за лет, и конечно ја потврдија идејата за слободата како врвен дострел – вели Јолевски.
Промоцијата на „Дијалози за слободата“ ќе се одвива во амбиент на изложените дела од поставката „Лица“ на Здружението за култура „ТРАНЗЕН“ и на домашната ликовна публика за првпат заедно ќе ѝ ја дари изложбата „Живот за уметноста“ на Александар и Ивана Настески.



































