Четвртата збирка поезија на Ана Пејчинова, „Чувари на малите нешта“, е објавена во издание на книжарницата „Или-или“. Промоцијата е закажана за денеска, во 19 ч., во литературното кафе „Метаноја“.
За стиховите ќе говорат уредниците на збирката, Никола Маџиров и Наташа Атанасова.
– На настанот ќе можете да ја купите збирката по промотивна цена. Доколку сакате посвета, авторката ќе ве покани да ја изберете својата порака во персиски стил: со тивок фокус на своето внатрешно прашање, самите отворете ја книгата – првите стихови на кои ќе ви падне погледот се вашиот одговор – и вашата посвета – соопштуваат од „Или-или“.
„Чувари на малите нешта“ претставува избор од досега необјавени стихови на авторката, напишани во периодот 2002–2025 година. Во класичен и во слободен стих, поезијата на Ана Пејчинова е посветена на невидливото: на природата и сенките, на патниците и пределите, на миговите и соништата, на молчаливите нешта, кои се светилишта на суштината. Во спој на лирика и метафизика, хумор и духовност, љубов и смртност, збирката отвора премин меѓу светови: сонот и јавето, живиот и неживиот свет, митот и современоста, минливоста и вечноста.
Циклусите на пропаст и преродба течат низ страниците како плима и осека: „Врз урнатини градиме. Секогаш така“. Секој пад е и лет, и обратно – дел од истото движење што го владее светот, под привлечната сила на „двојна тежа“: онаа на Земјата и онаа на убавината и на духот. Телото е и рана и оружје, и архаична сила на плодност, смрт и спознание. Морето и сонот се и место на потекло, и праг на уништување што води кон преродба.
Оваа поезија е и засолниште и манифест на сè што е тивко и суштинско. Ние сме чувари, градители, создатели на убавина, но и нас нешто нè чува, нè гради и нè преобразува.
Ана Пејчинова (1973) има разновидно творечко и професионално портфолио во областа на книжевноста, визуелните уметности, филозофијата, психологијата, политичките науки и меѓународниот развој и хуманитарната помош.
Има објавено четири збирки поезија на македонски јазик. Добитничка е на наградата „Млада Струга“ (1995) и на други признанија. Нејзини песни се преведени на полски, германски, англиски, француски, фински, српски и на други јазици.