Се одржа Литературната манифестација во чест на Тоде Илиевски, каде што беа доделени наградите од конкурсот за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“.
Жирито во состав Маја Мојсова (членка), Даниела Андоновска Трајковска (членка) и Зоран Јакимоски (член) донесе едногласна одлука да не ја додели првата награда „со оглед на (како што се наведува во образложението) послабиот квалитет на пристигнатите творби во однос на претходните години, а со цел зачувување на реномето на наградата, но и на делото на Тоде Илиевски…“.
Втората награда ѝ припадна на песната „Палавковци во рима“ од Атанас Крлевски, „која квалитетно отскокнуваше од другите пристигнати творби“. Третата награда им припадна на песните „Дедо Медо болен лежи“ од Соња Манасиевска-Конеска и „Волшебно будење“ од Ели Маказлиева.
Манифестацијата во организација на ЗПРКДУ „Креативна верига“ од Охрид, финансиски поддржана од Општина Охрид, ја отвори Јордан Коцевски, претставник на здружението. Како дел од програмата учениците од ООУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид подготвија краток рецитал од богатиот опус на Тоде Илиевски, под менторство на наставничката Тања Џутески.
Во името на жири-комисијата се обрати Зоран Јакимоски, со кус осврт кон пристигнатите и наградени песни.
Наградата „Тоде“ се доделува по четврти пат, но оваа година првпат како Литературна манифестација во чест на Тоде Илиевски, и е дел од програмата за култура на Општина Охрид. Наградените песни ќе бидат објавени во дванаесеттиот број на електронското списание за книжевност и друга уметност „(е)Лит“, кое го издава здружението.
































