Институтот за старословенска култура ќе врши истражувања од национален интерес

Институтот за старословенска култура од Прилеп ќе го реализира проектот „Византиски монашки центри во РС Македонија: традиција и континуитет“, со кој ќе се вршат истражувања што се од висок стратешки и национален интерес за нашата држава, со што се вложува во забрзан развој на науката. Со буџет за целата 2025 година од 680 милиони денари, што е речиси двојно зголемување во споредба со претходната година, ќе се истражува континуитетот на културните, уметничките и духовните манифестации во некои од најзначајните манастирски центри во Македонија.
Ова доаѓа по потпишаниот договор меѓу Институтот за старословенска култура – Прилеп и Министерството за образование и наука.
Со проектот „Византиски монашки центри во РС Македонија: традиција и континуитет“, кој има мултидисциплинарен карактер, истражувањето ќе се фокусира на континуитетот на човечкото присуство и културните процеси од античкиот период, преку ранохристијанството и средновековието, па сѐ до денес. Во фокусот на истражувањето ќе бидат манастирските центри: „Св. Пантелејмон“/ „Св. Климент“ – Плаошник; „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец; „Св. Никола“ – с. Манастир, Мариово; „Св. Преображение“ – Зрзе; „Св. Димитрија“ – Чебрен; „Св. Богородица Елеуса“ – Вељуса и др. Овие манастири се избрани поради нивната исклучителна важност како духовни, културни и уметнички жаришта.
– Истражувачкиот пристап ќе опфати повеќе аспекти, вклучувајќи археологија, историја на уметноста, историја на јазикот и етнологија, со што ќе се добие поцелосна слика за улогата на овие центри во цивилизациските процеси на пошироката територија на Балканот и источниот Медитеран. Проектот веќе е препознаен и надвор од Македонија, бидејќи две реномирани институции од САД – Универзитетот „Принстон“ и Универзитетот „Хамболд“ – изразија интерес активно да се вклучат во истражувањето, објавувањето и ширењето на резултатите – велат од институтот.
Со истражувањето ќе се придонесе за продлабочување на сознанијата за нашето богато културно наследство и да го постави Институтот за старословенска култура на мапата на меѓународните научни истражувања. Ка.М.