На изложбата се прикажани портрети на познати имиња, како академскиот сликар Васко Ташковски, диригентот Љубомир Трифуновски, универзитетскиот професор Александар Стерјовски, атлетичарката Вера Вељановска, како и голем број лекари, наставници, фотографи, музичари, занаетчии и интелектуалци што оставиле силен белег врз животот на градот
Во Офицерскиот дом во Битола е поставена самостојна изложба на фотографии на Ивона Кочов, со наслов „Пркос кон заборавот“, која се одржува во рамките на битолското културно лето „Битфест“.
Битола е град со големо културно–историско наследство, градби што говорат за значајни периоди, но и личности што со својата посветеност, интелект и континуиран ангажман создаваат трајна вредност, значајна за повеќе аспекти од напредокот на градот.
Изложбата насловена „Пркос кон заборавот“ на Ивона Кочов претставува своевиден омаж на значајни личности од Битола, кои со својот труд, интелект и посветеност оставиле траен печат во културниот, општествениот и професионалниот развој на градот.
Преку 32 фотографии, авторката Ивона Кочов создаде еден прекрасен настан, исполнет со силни емоции. Настанот истовремено претставува олицетворение на интелектуалниот, уметничкиот и занаетчискиот потенцијал што го поседува Битола, што само по себе е доволна причина за привлекување голем број туристи и посетители, кои би можеле да ги погледнат делата зачувани низ дејствувањето на овие наши сограѓани што не смеат да бидат заборавени. Кочов долови портрети, верни на импресијата што ја имаат битолчани за нив, на познати личности од градот под Пелистер – од занаетчии, уметници, професори и лекари до спортисти и судии – сите личности што со своето дело дале непроценлив придонес за Битола. Фотографиите ја нагласуваат мултикултурната слика на градот и сведочат за богатото културно и историско наследство, кое продолжува да живее во градот преку своите луѓе.
Авторката истакна дека изложбата е нејзин начин да ги изрази благодарноста и признанието кон овие сограѓани.
– Јас не сум само фотографка, туку во оваа изложба сум раскажувачка на приказни. Приказни за луѓе што со своите раце и срца ги изградиле својот живот и животот на сите околу нив. На фотографиите ќе видите луѓе што и во својата доцна доба останале посветени на трудот, сè уште не ја напуштиле својата работна маса, своето поле, својата мисија. „Пркос кон заборавот“ е мој начин да им кажам дека ги гледам, дека ги ценам и дека нивните приказни не треба да избледат – вели Ивона Кочов.
На изложбата се прикажани портрети на познати имиња, како академскиот сликар Васко Ташковски, диригентот Љубомир Трифуновски, универзитетскиот професор Александар Стерјовски, атлетичарката Вера Вељановска, како и голем број лекари, наставници, фотографи, музичари, занаетчии и интелектуалци што оставиле силен белег врз животот на градот.
– Секој портрет што ќе го видите носи дел од нивната младост, нивните битки, нивните победи и нивната љубов кон животот. Од срце им благодарам на сите што ми ги отворија вратата и душата за да ја создадам оваа изложба. И да не заборавиме – додека се сеќаваме на луѓето, тие живеат – вели Кочов.
Со „Пркос кон заборавот“, ја објавуваме листата на сите личности што се дел од изложбата на Ивона Кочов:
1. Љубомир Трифуновски, 1938, диригент
2. Александар Стерјовски, 1933, универзитетски професор по литература, хроничар на Битола
3. Душанка Петличкова, 1937, професорка по биологија со завршен природно математички факултет, група биологија
4. Лена Јовановиќ, 1945, примариус д-р, инфектолог, Светлана Гочева, 1953, дипломиран прехрамбен технолог; Лилјана Кепеска, 1948, археолог – кустос;
5. Бафтијар Шерифи, 1940, мајстор – ѕидар
6. Слободан Павловски, 1946 – 2025, киноапаратер во градски кина Битола
7. Неџат Јусуфовски, 1961, оџачар
8. Илми Мефаилов, 1950, дрвосечач и музичар
9. Димитрија Велески, 1950, музичар и изработувач на кавали
10. Петар Ѓорѓи Глигоров, 1947, учител по физичко и здравствено воспитание и педагошка академија, група историја и географија
11. Гордана Најдовска, 1960, наставничка по македонски јазик
12. Христо Бојаџиев, 1948, музички илустратор, дизајнер и уметнички фотограф
13. Владимир Атанасов, 1947, судија на Врховен суд
14. Малик Реџеп, 1947, одделенски наставник
15. Омер Сулејман, 1949, психијатар – детски младински психијатар
16. Олимпија Јовановски, 1949, примариус д-р, офталмолог
17. Васко Ташковски, 1937, академски сликар
18. Зухди Малик, 1938, бербер
19. Јани Цветковски, 1938, чевлар
20. Кире Марков, 1951, тренер за пливање и скијање
21. Жан Христовски, 1951, машински инженер – проектант за термотехнички инсталации
22. Вера Вељановска, 1955, атлетичарка
23. Никола Татарчев, 1937, лекар, општа пракса; Олга Татарчева, 1938, наставничка по француски јазик
24. Јоце Смилевски, 1958, планинар, алпинист
25. Мендо Долевски, 1944, пожарникар
26. Аница Хентова Наневска, 1942, архитектка конструкторка
27. Димитрије Гиновски, 1952, фотограф
28. Рашко Т. Наковски, 1950, уролог
29. Антонијо Димитровски, 1949, судија и адвокат
30. Ѓорѓи Тромбев, 1950, професор д-р, област термотехника; Добрила Тромбева, 1950, професорка по физика
31. Анастасија Петровска, 1943, педијатарка
32. Ѓорѓи Кироваков, 1944, професор по македонски јазик
Ивона Кочов најави дека поради големиот интерес и поддршката од публиката, во иднина ќе биде реализиран и втор дел од изложбата, кој ќе опфати уште личности што заслужуваат признание и јавна почит.
Со овој проект, Битола уште еднаш ја потврдува својата улога како град што знае да ги зачува и пренесе приказните на своите луѓе, а изложбата на Ивона Кочов останува траен потсетник дека додека се сеќаваме – тие личности живеат.
Ивона Кочов е родена во Битола. За фотографијата се заинтересирала од најраното детство, кога често ја посетувала импровизираната лабораторија на нејзиниот татко и стрико, кои ентузијастички се занимавале со развивање филмови и фотографија. На почетокот од 1990-тие години почнува да фотографира со обичен аналоген апарат, кога се запознава со Атанас Нашоку-Саку, признаен битолски и македонски фотограф од постарата генерација, кој пријатно изненаден од нејзината желба за фотографирање, ѝ подарува апарат „зенит“.
Со појавата на дигиталната технологија, нејзиниот интерес кон фотографијата се зголемува и пристапот кон уметничката фотографија станува посериозен.