Богата програма на прилепските културни институции

Прилепските културни институции Завод и музеј и ЦК „Марко Цепенков“ годинава ќе реализираат богата програма, која е поддржана од Министерството за култура и туризам. Заводот и музеј во Прилеп и годинава ќе реализира голем број проекти од областа на заштитата на културното наследство, од музејската дејност, со која ќе се врши заштита на локалитети, истражувања, конзервација – вкупно 30 стручни проекти, од кои 15 се од областа на заштитата на културното наследство, а 15 од областа на музејската дејност.
– Од годишната програма најпрво започнавме со привремена заштита на културното добро во опасност во општината Крушево, споменикот „Илинден“ – Македониумот. Од областа на заштитата на културното наследство, меѓу другите проекти ќе вршиме непосредна заштита на иконостасот во црквата „Св. Благовештение“, одржување и уредување на локалитетите Стибера и Врбјанска Чука, конзервација, реставрација и реконструкција на Кралската гробница во Старо Бонче и други проекти. Од музејската дејност, некои од проектите се осоврeменување на поставката на Музејот за тутун, археолошки истражувања на Стибера, одбележување 85 години од почетокот на оруженото востание на 11 октомври 1941 година и 65 години од Меморијалниот музеј „11 Октомври“. Ќе реализираме и повеќе инвестиции. Предвидено е издавање стручни каталози поврзани со изложбените проекти и истражувањата што ќе се реализираат во текот на годината. Овие публикации ќе претставуваат траен документ за музејските збирки, археолошките наоди и конзерваторските активности, но и значаен придонес кон научната и културната јавност. Покрај издавањето, планирани се и јавни промоции на публикациите, за нивна поширока презентација пред стручната јавност, медиумите и граѓаните. На тој начин институцијата ја зајакнува својата образовна и културна мисија, овозможувајќи резултатите од својата работа да бидат достапни и видливи за пошироката јавност – вели Мимоза Христоска, директорка на Заводот и музеј во Прилеп.
Во областа на драмската дејност се поддржани четири нови проекти, а еден е префрлен од минатата година. Театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно годинава ќе ги изведе „Животинска фарма“ од Џорџ Орвел, во режија на Ќендрим Ријани, „Девојките на Марко“, според Боинг Боинг од Марк Комолети, во адаптација и режија на Синиша Ефтимов, „Саатот“ од авторката Лидија Митоска Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова, за која пробите се во тек и премиерата ќе биде наскоро, „Лет над кукавичиното гнездо“ од авторот Кен Кеси, во режија на Ѓорѓи Ризески, и „Ловец на ’ржта“ според Џ.Д. Селинџер, режија Мартин Кочовски (проект префрлен од 2025 година).
Од областа на музичко-сценската дејност се поддржани шест проекти, и тоа „Чембалото на европските дворови од 17 век“, концерт на женскиот камерен хор „Керамија“, „Стефанија џез-проџект“ – интимно музичко патување, „Мевлем“ – вечер на музика и поезија, „Сезоните на Чајковски“ – концерт на „Трио Долче“ и концерт на глас и пијано „Вечер на француски песни“. Од областа на фолклорот, Центарот доби поддршка за реализација на концерт на Драган и Ратко Даутоски, за концертот „Со љубов за Прилеп“ на КУД „Пере Тошев“, за вечер на староградска музика и песни „Звуците на градот“ и за работа на КУД „Моминок“ – возрасни и подмладок. Со поддршка на Министерството за култура и туризам ќе се печати списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Доста обемна и квалитетна е програмата од областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајн. Ќе бидат реализирани 20 проекти, од кои 18 изложби, една работилница за мозаик и Интернационалната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“. Изложби ќе имаат Ивана Темелкоска, уметниците Златко Крстевски, Сашо Ацковски, Ѓорѓи Десподов, Давид Атанасоски, Драган Верговски Алпи, Александра Ацеска, Бојана Артиновска, Филип Перески, Христијан Томан, Александар Џинго, Милица Алимпиќ Илиќ, ДЛУП, колонијата „Дрен“… Со изложба ќе се одбележат и 80 години од постоењето на ДЛУМ.