Театарот „Војдан Чернодрински“ со претставата „Аудиција“ од Галин, во режија на Владимир Милчин, се претстави во официјалната програма на 11. издание на амбиенталниот театарски фестивал „Нови тврдина театар“, кој се одржува од 26 август до 2 септември, во Чортановци, во близината на Нови Сад, Србија. Прилепскиот театар, кој е во рамките на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со „Аудиција“ настапува во конкуренција на други пет претстави од регионот, а изведбата е во вилата Станковиќ, која од неодамна е промовирана како нова амбиентална театарска сцена. Според уметничкиот директор на фестивалот, Вида Огњановиќ, темата на годинашниот фестивал, кој е под мотото „Смета ли иднината на нас?“, се проблемите што се случуваат денес, a избраните претстави говорат за човечките проблеми.
Претставата „Аудиција“, во која играат Марија Спиркоска Илијеска, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Сара Спиркоска, Јасмина Мицовска Станкоска, Наташа Ачански, Илија Волчески, Александар Тодески, Игор Трпчески, Зоран Иваноски и Михајло Миленкоски, зборува за копнежот по малку подобар живот, кој е можен само подалеку од провинцијата и татковината. Ка.М.