Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање стрипови“, отворена за стрип-автори од регионот.
Томе Трајков, стрип-промотор од Велес, известува дека тоа може да се оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/, каде што може да се најдат и повеќе информации.
Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип-соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 година бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип-автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа (до 30 ноември во 12 ч.). Учесниците ќе цртаат во живо во определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од оваа година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Се разбира, овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн платформата на линкот, нешто што веќе е пракса кај стрип-цртачите од повеќе градови на Македонија.
– Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата таа ја создава реномираниот стрип-теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините брзо се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, која се организира во октомври – информира Трајков.


































