ИЗЛОЖБА НА ДОАЈЕНКАТА МЕНЧЕ СПИРОВСКА ВО ЗАГРЕБ

Во македонскиот КИЦ во Загреб, во рамките на програмата по повод 145-годишнината од постоењето на Музејот на уметности и занаети во Загреб, е отворена изложбата „Менче Спировска – Визуелна фасцинација со Загреб“ на една од најзначајните македонски графичарки Менче Спировска. На изложбата се претставени речиси непознати дела за хрватската јавност создадени во 1950-тите години во Загреб. Изложбата го прикажува и придонесот на македонските студенти на загрепската уметничка сцена во 1950-тите, а Менче Спировска зазема посебно место како посредничка на културните и естетските вредности на двете земји. Изложбата се реализира како заеднички проект на загрепскиот Музеј на уметностите и занаетите и македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, по повод 145-годишнината од основањето на загрепскиот Музеј за уметности и занаети.
Директорката на македонскиот Културно-информативен во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ги потврди заложбите на директорот на Музејот за уметности и занаети, Сањин Михелиќ, дека со оваа изложба се промовираат вредностите на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија. Тој потенцира дека во годината кога ја одбележуваат 145-годишнината од постоењето на музејот ќе следува уште една исклучителна изложба на фотографии од студиото на семејството Арсовски во соработка со македонскиот Културно-информативен центар во Загреб и Музејот на градот Скопје.
Изложбата првпат го претставува комплетниот уметнички опус на Менче Спировска создаден за време на нејзиното студирање во Загреб, кој се чува во фондовите на Музејот на уметности и занаети. Централно место на изложбата е нејзиното досега неизложено дело од областа на графичкиот дизајн „Концептуален дизајн за рекламна туристичка брошура на Загреб“, кое сега за првпат е изложено во целост, создадено за време на нејзините студии на поранешната истакната Академија за применети уметности во Загреб, која оставила значајна трага во развојот на уметноста, дизајнот и визуелната култура во Хрватска.