Низ разговор за најновите романи на Владо Јаневски – „Кој го уби Едгар Алан По“, „Мртвите знаат најдобро“ и „Смртта не е крај“ – авторот ќе биде претставен во Друштвото на писателите на Македонија. Промоторка ќе биде Ана Пејчинова, а извадоци од книгите ќе чита Емилија Тодорова. Настанот ќе се одржи на 24 јуни, со почеток во 19 часот, во просториите на ДПМ.

Владо Јаневски е македонски писател, сликар и стрип-автор. По завршувањето на високо образование на УКИМ во Скопје, од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија. Инспирацијата за пишување најчесто ја црпи од многубројните патувања по светот (престојувал во преку 70 земји). Неговото творештво се одликува со мултижанровски пристап, честопати комбинирајќи елементи на магичен реализам и како автор е еден од најинтересните и најпродуктивните во современата македонска книжевност.
Неговиот литературен опус се состои од шест романи за возрасни, збирки раскази и поезија и неколку книги за деца. Добитник е на повеќе книжевни награди, меѓу кои и наградите за проза „Пегаз“ и за поезија „Стојан Христов“. Оваа година, неговиот роман, „Кој го уби Едгар Алан По“, беше во најтесен избор за наградите „Стале Попов“ и „Роман на годината“.

Како автор за деца, Владо Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој повеќе од две години редовно се објавува во прилогот „Колибри“ во весникот „Нова Македонија“.