Од денеска до 13 јуни, во Прилеп, по 59. пат ќе се одржи МТФ „Војдан Чернодрински“, чие мото годинава е „Смеј се и осмели се“. На фестивалот ќе бидат изведени 14 претстави, девет претстави во официјална и пет во придружната од независната програма.

Фестивалот го отвора претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов, во продукција на Македонскиот народен театар од Скопје, која ќе биде изведена од 20 часот на сцената на центарот, а во која играат Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски, Сашко Коцев, како и Тања Ивановска (судија). Пред изведбата на „12“, ќе им бидат врачени наградите за животно дело на актерите Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова.

Во официјалната програма ќе бидат прикажани уште претставите „Парови“ од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмскиот театар – Скопје, „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албанскиот театар − Скопје, „Слепци“ од Морис Метерлинк и според „Погубни идентитети“ од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турскиот театар − Скопје, „Црно семе“ од Ташко Георгиевски, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народниот театар − Битола, „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, продукција на народниот театар „Војдан Чернодрински“ − Прилеп, „Рацин“, драматург Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ − Велес, „Сите прекрасни нешта“ според монодрамата на Данкан Мекмилан, од Ана Ристоска-Трпеноска, во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народниот театар − Штип, „Пар-распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија − Скопје.
Од независната продукција публиката ќе може да ги проследи претставите: „Вампири“ − театарска минијатура за вампирите во театарот, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“ − Скопје, „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на „Штрих“ − Скопје, „Сите најубави нешта“ според Данкан Мекмилан, во режија на Дејан Пројковски, изведба Игор Ангелов, продукција на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ од Горан Стефановски, во режија на Дамјан Костовски, продукција на здружението за развој на театарска продукција „Оска“ − Скопје и „Ла Магбет“ според Шекспир, во режија на Шенај Мандак, во изведба на Хакан Даци, продукција на „Хибрид“ − Скопје.

Фестивалот е под мотото „Смеј се и осмели се“, а уметничката директорка Ана Стојаноска вели дека театарот нѐ учи да бидеме храбри и на секоја ситуација да имаме коментар. Годинава со изборот на претстави, а во контекст на четиригодишната програма „Враќање дома“, Стојаноска, се обиде да ја раскаже актуелната приказна на современиот македонски театар.
– Таа приказна покажува како се однесува човекот во општеството и како тој човек е одговорен за текот на самото општество. „Човекот и општеството низ смелата и/или насмеана визура или магичноста на сцената“ е насловот на селекцијата со цел тематски да се позиционираат избраните театарски претстави. Во ова издание на фестивалот може да се препознаат и повеќе доминантни музички креации, кои и тоа како треба да бидат акцентирани, наградени и валоризирани – посочува Стојаноска.

На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса, а ќе ја има и програмата Драмолетење. Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски-Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески-Платнар.
– Создаваме „Музеј во движење“ или „Прилеп во фокус“, при што ќе ги презентираме придонесот и влијанието на тројца мошне значајни театарски уметници од Прилеп. Изложбата ќе ја поставиме кај пријателите на фестивалот и ќе се потсетиме на огромното влијание што тие го имаат направено и обележано Прилеп низ сите овие театарски години. Сакаме ова да биде дел од постојаната активност на фестивалот, која не би се ограничила само на деновите кога фестивалот е најактивен, во јуни секоја година, туку дека треба да биде активност што ќе се случува постојано во текот на целата година. Во контекст на нашето мото „Смеј се и осмели се“, овие тројца театарски уметници од Прилеп и се/нѐ смееја и се/нѐ осмелија да создаваме уште подобар театар – вели Стојаноска.

По иницијатива на семејството на музичарот Филип Стевановски и по донесената одлука на собранието на МТФ, наградата за музика што ќе се додели ќе биде именувана по музичарот што го изгуби животот во пожарот во Кочани.

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија. На затворањето на фестивалот на 13 јуни, на истата сцена од 20 часот, ќе биде изведена претставата „Вистината 2“ од Флоријан Зелер, во режија на Владимир Јурц. Ка.М.