ПО „МОЈОТ МАЖ“

Престижната француска издавачка куќа „Галимар“ го објави своето издание на збирката раскази „Не одам никаде“ од писателката и универзитетска професорка Румена Бужаровска, информираат од издавачкиот центар „Три“.
– Француското издание на „Не одам никаде“ од Бужаровска следува откако претходно „Галимар“ ја издаде и „Мојот маж“, додавајќи го своето издание на листата од петнаесет преводи на збирката што оствари и шест театарски продукции во земјава и во странство – посочува македонскиот издавач.
Основана во 1911, а од 1919 година позната под името „Библиотека Галимард“, француската издавачка куќа е една од највлијателните издавачки куќи на дваесеттиот век, кога објавувала дела на Марсел Пруст, Жан Пол Сартр, Албер Ками…
– Задржувајќи го своето реноме и денес, „Галимар“ е издавач што преку своите внимателно избрани изданија ги запознава француските читатели со писатели добитници на Нобеловата награда за книжевност и со современи гласови, кои автентично го пренесуваат духот на времето. „Не одам никаде“, по изданијата во САД, Турција, Унгарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и во Франција, во март ќе добие и шпански превод во издание на „Импедимента“, додека, пак, „Мојот маж“ го очекува и својот бразилски превод во издание на „Тодавиа“. И додека расказите на Бужаровска продолжуваат да ги освојуваат светските читатели, македонските читатели веќе го читаат второто издание на „Тони“, нејзиниот прв роман, кој со својата брутална карикатуралност ќе ве насмее и ќе ве налути, поттикнувајќи чувство на лична одговорност, тема за која сите денес би требало повеќе да размислуваме – посочуваат од „Три“.