Фестивалот на европската литература „Букстар“ го објави визуелниот идентитет на јубилејното, десетто издание на фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври на повеќе локации во Скопје. Фестивалскиот слоган, кој секоја година креативно предизвикува на ангажман и размислување, е „Преобразба“ и е инспириран од делата на Франц Кафка.
– Во годината кога се навршуваат сто години од смртта на еден од најголемите автори на 20 век и автор чие творештво претставува вечна инспирација за реосмислување на литературата и на човековото битие, решивме да ја вклучиме Македонија кон светскиот тренд на одбележување на оваа значајна годишнина. Особено, бидејќи и за нас ова е многу важна година – фестивалот полни десет, а „Антолог“, како организатор на фестивалот и издавач на делата на Франц Кафка, 25 години од основањето. Затоа, и на „Букстар“ ќе се одбележат дела што се доволно моќни да го претворат неможното во можно, дела што ќе го дофатат незамисливото и се напишани од автори што лично ја доживеале метаморфозата – велат организаторите.
На новиот веб-сајт следбениците на литературата ќе можат на македонски и на англиски јазик да ги најдат сите податоци за минатите изданија, но и вестите за тековните и идните случувања. Достапна и богата мултимедија на фотографии и видеоматеријали. Досега на „Букстар“ учествувале најголемите писателски имиња на денешнината: Славенка Дракулиќ, Наџат ел Хачми, Стефан Хертманс, Игор Штикс, Сјон, Миљенко Јерговиќ, Илја Леонард Фајфер, Јела Кречич Жижек, Михал Вивег, Слободан Шнајдер, Николо Аманити, Светлана Алексиевич, Саша Станишиќ, Евгениј Водолазкин, Ирса Сигурдардотир, Јуси Адлер-Олсен, Хокан Несер и многу други автори од речиси сите европски држави, како и неколку десетици македонски писатели.
Отворен е и јавниот повик за второто издание на фелоушип-програмата „Објавувајќи ја Европа“, чија главна цел е да се поканат професионалците од книжевниот сектор да ја посетат нашата држава и да ги запознаат одблизу македонските и европските колеги и автори. Во рамките на фестивалот е предвидено да се случат средби на меѓународни претставници на издавачки куќи, агенти, директори на фестивали, писатели и преведувачи, со цел да се зајакне секторот и да се отворат можности за размена на книжевни дела меѓу различни делови на Европа. Повикот е отворен до 10 јули.
– Годинава фестивалскиот плакат е дело на дизајнерката Маја Плачкоска и тој исто така се надоврзува на темата на фестивалот, но погледнато во една уметнички прогресивна варијанта, каде што персоналната трансформација што ја преживуваме станува средство преку кое се стигнува до најважната хумана придобивка – слободата. Различноста не секогаш е хендикеп, туку таа може да биде начин како да се освои свој простор и свое место под сонцето, за што фестивалот отсекогаш имал водечка улога – велат од „Антолог“.
Ќе биде повторно доделена и наградата за најдобар превод „Драги“, во две категории, основана во чест на зачувување на ликот и делото на Драги Михајловски и со цел да се направи вреднување на преведувачката продукција, како и да се истакнат вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор. В.Д.