Фото: Маја Јаневска Илиева
Валентино Скендеровски, музичар, композитор, продуцент, професор

Предизвиците, доколку не си ги поставуваш сам, нема да се појават ненадејно од никаде. Според мене, развојот на еден музичар зависи од неговата фантазија, идеи и реализација на „неостварливото“. Сепак, мислам дека нормален развој на настаните е, еден клавијатурист да се стреми кон музичката продукција, звучниот инженеринг, снимањата и се останато поврзано со комплетирање на едно музичко дело. Токму затоа, некаде во 1995 година се одлучив да создадам свое студио, како место каде што ќе можам да ги реализирам сите овие таканаречени неостварливи идеи. И ете успеа, студиото „Ентерпрајз“ скоро три децении работи како место за остварување на такви соништа – вели Скендеровски.

Валентино Скендеровски (56), е познат македонски музичар, композитор, продуцент, професор, инженер на звук, тонски снимател, програмер, магистер по културологија. Ако треба да ги запишеме сите негови занимања и проекти на кои работел ќе ни треба уште многу простор.
Во родното Скопје во 2008 година ги завршува и студиите на високата школа за аудиовизуелна реализација ЕСРА, со што се стекнува со титула дипломиран инженер на звук, а по три години на на УКИМ, поточно на Институтот за македонски јазик и литература, се стекнува со титулата магистер по културологија. Својата кариера ја започнува во 1980 година и во периодот до 1986 настапува со сите позначајни македонски групи. Во 1987 почнува да работи во Македонската радио-телевизија како студиски пијанист, а подоцна работел на различни проекти, некои од нив веќе го имаат епитот култни.
Во 2016. е ангажиран како предавач по звучно инженерство, при што предава седум предмети на филмската академија – класа аудио инженерство, при универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Истата година е избран и за вонреден професор на ЕСРА. Добитиник е на бројни награди дома и во странство, бил уметнички директор на речиси сите позначајни музички манифестации кај нас и оставил трага во сите пори на македонската популарна музика.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Имам чувство дека речиси сите песни создадени и снимени во последните триесетина години на македонската естрада на некој начин се поврзани или допрени од вас. Веројатно нема пејач, група, автор со кој не сте соработувале, зарем не?

– Многу млади луѓе често ми кажуваат дека го имаат истото чувство, особено оние кои растеле со македонската музика. Мислам дека тоа се должи на фактот дека сум навистина многу долго на македонската сцена како автор и музичар, но сепак мило ми е кога некој ќе констатира нешто такво. Во јануари се навршија 34 години од издавањето на „Оган под ѕвездите“ на групата „Меморија“, мојот прв испродуциран албум. Пред тоа работев на многу проекти, песни, изданија, но ова е прво официјално издание, за кое можам слободно да кажам дека го означува почетокот на мојата кариера како продуцент и аранжер на музика.

Секогаш пред себе поставувате нови предизвици, повисоки цели и тоа надвор од комфорната зона. Дали токму тоа е клучот за вашиот голем успех како автор, инструменталист, продуцент, професор, инженер на звук, пренесувач на знаењето на младите и што уште не?

– Предизвиците, доколку не си ги поставуваш сам, нема да се појават ненадејно од никаде. Според мене, развојот на еден музичар зависи од неговата фантазија, идеи и реализација на „неостварливото“. Сепак, мислам дека нормален развој на настаните е, еден клавијатурист да се стреми кон музичката продукција, звучниот инженеринг, снимањата и сѐ останато поврзано со комплетирање на едно музичко дело. Токму затоа, некаде во 1995 година се одлучив да создадам свое студио, како место каде што ќе можам да ги реализирам сите овие таканаречени неостварливи идеи. И ете успеа, студиото „Ентерпрајз“ скоро три децении работи како место за остварување на такви соништа.

Вашата музичка школа „Ентерпрајз“ веќе 22 година ги едуцира младите за свирење на разни инструменти, а со тоа и ги учи што е добра музика од најмала возраст. Дека тоа е успешна мисија доказ е последниот концерт во МКЦ, кој беше фантастичен. Дали сте задоволен како сето тоа звучеше и ќе ја продолжите ли мисијата?

– Музичкото училиште „Ентерпрајз“ функционира веќе цели 22 години. Започна исто така како една луда идеја за едуцирање на млади луѓе, но во насока на онаа „непризнаената“ музика, која дотогаш никаде во нашево општество немаше каде да се изучува. Имаше многу скептици околу мене во тоа време, кои велеа дека такво нешто никогаш нема да успее, а денес сме сведоци дека, доколку доволно веруваш во тоа што го работиш, ништо не е неостварливо. „Ентерпрајз“, како мало приватно училиште, денес брои нешто повеќе од 150 ученици, што е доволно добар доказ за горенаведеното. Сепак, квалитетот си доаѓа до израз, единствено нешто што е неопходно е да се работи напорно. Мисијата на „Ентерпрајз“ продожува.

Ние како тим, секојдневно се бориме за подобрувањето на квалитетот и за подигањето на нивото на училиштето. Доказ за тоа се многу млади луѓе кои имале доверба во нас како едукативен центар, а сега се веќе потврдени професионалци.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Од бројните ваши соработки со голем број македонски и странски групи и пејачи, ќе ја издвојам онаа со нашиот Тоше Проески. Како го паметите балканскиот славеј? На која негова песна, албум, проект, има ваш печат?

– Тоше беше навистина неверојатно голем талент и комплетен музичар. Нашите многучасовни студиски термини и дружењата во моето студио, секогаш раѓаа одлични резултати. Од вкупно 7 негови албуми, јас работев на 4 од нив, т.е. на оние што се работеа во Македонија. Многу години изминаа откако го нема, но сепак со грутка во грлото се сеќавам на неговата насмевка. Неговиот ведар дух, со огромна позитивна енергија и неверојатна желба за повеќе и подобро, беа пресудни за неговиот успех. Знаеше многу да работи, неговите достигнувања не беа случајни.

Долги години сте и продуцент и снимател на фестивалот „Златно славејче“. Колку тоа ве освежува и внесува ведрина во вашиот секојдневен ангажман и набиена агенда?

– Златно славејче е десертот во мојата продуцентска работа, кој секоја година го очекувам со нетрпение. Секоја година во септември, одново започнуваат да доаѓаат нови дечиња во моето студио, со истиот страв од микрофонот, со истата желба за да си ја исполнат песничката најдобро што можат. Ова за мене претставува прекрасно доживување и уживање во чистината на нивните души. Многу често морам да преземам улога на психолог кој треба да му помогне на младиот изведувач да ја реализира својата замисла, многу често имаме и плачења пред микрофонот, но за тоа не се зборува и никој не знае! Сите што ме познаваат, знаат дека со нетрпение го очекувам овој период од годината.

Фото: Приватна архива

Постојано одите нагоре на професионалната патека и секако тоа е плод и на оние од кои сте учеле. Сега вие имате шанса своето знаење како професор да им го пренесете на помладите. Дали сте задоволен од соработката со студентите во Скопје и во Штип?

– Имав прилика да работам како професор и декан на Факултетот за звучен инженеринг и музичка продукција, при универзитетот „Есра“ во Скопје. Таму поминав 14 прекрасни години во кои несебично го пренесував своето знаење на моите студенти. Две години предавав и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на катедрата за аудио-инженери. Сепак, во еден момент, одлучив да се посветам на моето музичко училиште и на мојот едукативен центар. Имено, „Ентерпрајз“ е сертифициран тренинг центар на реномираната компанија „Стајнберг“, која го произведува популарниот софтвер Кјубејс, а јас од 2019 година сум назначен за сертифициран тренер за нивните софтверски платформи и хардверски производи. Во „Ентерпрајз“, уште од 2004 година се одржуваат моите курсеви за музичка продукција и звучен инженеринг. Скоро да нема продуцент и инженер на звук во Македонија, кој не го изучувал овој занает кај мене. Пренесувањето на знаење е нешто што претставува некаков вид на духовна храна за мене и неверојатно многу ме исполнува. Сега овие курсеви се дополнети со сертифицирана обука за „Стајнберг Кјубејс“ и мислам дека конечно останувам на одлуката овие обуки да се одржуваат само во мојата институција.

Ги споменавме младите, децата и нивните почетоци. Кажете ни кога и каде почна вашата музичка приказна, од кого учевте и кога си рековте: „Музиката ќе биде мој живот?“

– Мојата музичка приказна започнала пред да се родам! Потекнувам од музичко семејство и скоро сите од моето семејство се музичари. Растев со музика, опкружен од музичари, па се подразбираше што ќе биде мојата животна определба. Свирам на клавир уште од 4 годишна возраст, а веќе на 5 години ме запишаа во нижото музичко училиште. Од тогаш сум секојдневно со музиката, која за моја среќа, никогаш не се претвори во моја професија, туку си остана љубов, уживање и предизвик. Сепак, како „отскочна даска“ ќе го издвојам фактот дека на 21-годишна возраст, станав член на „Леб и сол“, група којашто важеше за најсвирачки состав во Југославија во тоа време. Мислам дека овој момент важеше за потврда и некаков печат за моите способности и квалитети. По ова, едноставно се трасираше мојата професионална патека, која воопшто не беше без препреки, но сепак искуството стекнато со музичари од таков ранг, несомнено имаше огромен удел во мојата професионална кариера. Бев многу млад, а имав можност да настапувам на најпрестижните сцени во Југославија. Вечно ќе им бидам благодарен на членовите на „Леб и сол“ за довербата што ми ја дадоа.

Фото: Приватна архива

Дел сте од многу значајни концерти што се случија во последно време, а со вашите чести настапи како да го вративте времето кога бевте најактивен на музичката сцена.

– Во последниве неколку години му се вратив на свирењето “во живо” и на концертните настапи. Во изминатиов период настапив со неколку значајни имиња како клавијатурист на нивните концерти, а тоа почна да ми го враќа чувството од почетоците на моето битисување како музичар. Тука се концертите на Мијата, Коки Јанков, Владо Јаневски, „Бело копче“ трибјут на „Бијело дугме“. Но сепак, има една формација којашто ми е особено при срце, а се работи за бендот „Тоа е тоа“. Се работи за обичен кавер-бенд, кој изведува стари рок-песни, но дружбата ни е исклучително добра, проследена со многу смешки и незаборавни случки. Сепак, мислам дека за еден музичар е пресудно со кој состав како се чувствува. „Тоа е тоа“ е во некоја смисла мое музичко семејство.

Вашата музичка база, чинам, е рок-музиката и тоа оној чист рок звук што звучи како вистински земјотрес и никого не го остава рамнодушен. Дали во Македонија сѐ уште има вистински рок-музичари, во напливот на кичот и шундот, и според вас кој ќе победи?

– Нема потреба од натпревар, секој музички жанр си има свои консументи. Македонија има многу музичари од висока светска класа, кои го дефинираат нивото и заради кои едноставно не може да се оди подолу. Со гордост можам да констатирам дека во последнава деценија тоа ниво се искачи многу високо и дека по повеќедецениската оскудност, повторно можеме да се пофалиме со многу активни луѓе во музиката како професионалци. Кичот и шундот отсекогаш постоеле во секоја ера и во секое општество, а мислам дека е добро да ги има, колку за споредба.

Да имате ингеренции, што конкретно би направиле за македонската популарна музика и како би ја оцениле сегашната состојба во која таа се наоѓа?

– Би обезбедил простор за музицирање и создавање музика, тоа е најголемиот проблем со кој се соочуваат сите музичари во нашата држава. Едноставно, недостатокот на објекти во коишто можат да се одржуваат проби и подготовки, претставува огромен проблем за нашите музичари. Во многу држави, па и во соседните општества, луѓето имаат каде да творат и да се посветат на својата работа. Македонските музичари се осудени на ладни подруми, гаражи, напуштени фабрики и простори кои се несоодветни за ваква намена. А сегашната состојба на македонската музика е одлична. Мислам дека по завршувањето на ковид-пандемијата имаме експанзија на нови проекти и дела.

Често со своето знаење и искуство им помагате на младите да го скршат мразот. Дали уживате кога ќе препознаете некој талент и малку ќе му ги подотворите вратите што водат кон успехот?

– Да, навистина сакам да помагам кога се работи за исклучителни таленти. Секогаш се обидувам да помогнам колку што можам повеќе, но една работа е многу битна во однос на овој мој порив. Никогаш не очекувам ништо за возврат, па тоа придонесува да уживам во развојот на талентот на младиот уметник на којшто сум му помогнал.

Дали и покрај тоа што сте постојано опкружен со музика, умеете да се опуштите и да уживате во некоја песна, онака за своја душа, без да наоѓате „влакно во јајце“?

– Ух ова е многу тешко прашање за мене. Со текот на годините, како што музиката се претвораше во „работа“, почувствував дека имам потреба да не ја доживувам како таква, па се трудам да се опуштам и да не гледам на неа од професионален аспект. Верувајте ми дека е многу тешко, скоро невозможно. Оние коишто не се музичари го слушаат текстот и вокалната изведба, додека јас слушам сѐ што на „обичниот“ слушател му е апсолутно небитно. И да, некако тешко, но ми успева да се претворам во регуларен слушател, доколку доволно се потрудам да биде така.

Фото: Приватна архива

Семејството, за секој човек е мирна оаза, љубов, почит. Колку на вас ви значи хармонијата, разбирањето и поддршката од најбликските? И да, имате ли некој што ќе ве наследи?

– Мојата ќерка Ева, знае често да ми каже „блазе си ти, имаш 150 внучиња, не мора да се грижиш за тоа кој ќе те наследи“, мислејќи на учениците од „Ентерпрајз“. Ева е професионален актер, со реализирана кариера и истрасирана животна патека. Миа е девојче коешто од 4-годишна возраст, заради природата на нашите часови, многу често завршуваше во некоја од училниците за гитара, бас гитара, клавијатури, тапани, пеење. Подоцна дури два пати го совлада и мојот курс за музичка продукција и звучен инженеринг. И сега свири на сите горенаведени инструменти, пее, снима, продуцира, но сепак се одлучи за психологијата како повик. И останува уште да ја изработи дипломската работа и потоа верувам дека ќе го истрасира својот професионален пат. Сепак, музиката ѝ останува како едно убаво хоби, а јас никогаш не инсистирав моите деца да бидат професионални музичари. Не знаеме, можеби подоцна ќе се предомисли. Атмосферата во нашето семејство е секогаш базирана врз музиката која е околу сите нас. Често знам да кажам дека сме „рокенрол“ фамилија и тоа навистина е така.

На почетокот на секоја година сите ние имаме големи планови, желби. Дали и вие направивте план за новите ангажмани и дали концерти, „бест оф“ изданија, нови проекти ќе бидат дел од нив?

– Не, во мојата агенда нема планови за вакви изданија, токму затоа што секогаш оставам делата на коишто работам, самите да си го најдат својот пат. „Бест оф“ е сето она што сум го работел, затоа што секогаш го давам својот максимум и мојата самокритичност не ми дозволува нешто да излезе недоработено и со недоволно посветено внимание.

Кажете ни со неколку збора што претставува за вас музиката?

– Постои само еден збор – Љубов.