Во киното „Синеплекс“ се одржа премиерата на долгометражниот игран филм „Соучесници“, по сценарио на Огњен Обрадовиќ, а во режија на Марко Новаковиќ. Филмот е копродукција помеѓу „Зилион филм“ (Србија), „Партизанс“ (Македонија) и „Интер филм“ (Хрватска). Филмот „Соучесници“ е психолошка и социјална драма, во кој идиличниот живот на главните ликови нагло се менува по сообраќајна несреќа. Додека се борат да се справат со последиците, нивната совест ги прогонува, трансформирајќи ја нивната врска и доведувајќи до низа неочекувани настани.
Продуцент на филмот е Лазар Ристовски, а копродуценти се Роберт Насков и Иван Малоча. Директор на фотографија е Бојан Ракиќ, монтажер Петар Шумоња, сценографка Ирена Марјанов, костимографка Снежана Карл, маскерка Нина Илиќ, композитор на оригиналната музика за филмот е Владимир Пејковиќ, а дизајнери на звук се Велибор Хајдуковиќ и Небојша Зориќ. Во постпродукцијата на звукот учествуваше и нашиот Игор Поповски.
Главните улоги ги толкуваат Невена Неранџиќ и Радован Вујовиќ, Аница Добра, Даница Ристовски, Зоран Цвијановиќ, Милица Јаневски, Златан Видовиќ, Анита Огњановиќ и Јован Белобрковиќ, како и пет исклучителни актери од регионот: нашата Сара Климоска, Стојан Матавуљ и Хана Јапунџиќ од Хрватска, Факета Салихбеговиќ-Авдагиќ од Босна и Херцеговина и Петар Новаковиќ од Црна Гора.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија и Хрватскиот аудиовизуелен центар и ќе се прикажува на редовниот репертоар на киното „Синеплекс“, како и низ кината во Македонија.