Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ неделава ќе ги има африканската и португалската премиера на два значајни меѓународни фестивала.
Првата проекција ќе се одржи на „Зума интернешнал филм фестивал“ во Абуџа, главниот град на Нигерија, што ќе биде наедно и африканска премиера на филмот. Фестивалот е организиран од Нигериската филмска корпорација, а ова 15. издание се одржува под мотото „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: Филмот како моќно средство за економски развој“. Тематскиот фокус ја нагласува стратешката улога на кинематографијата во обликувањето на перцепциите, влијанието врз глобалните општествени разговори и во поттикнувањето културна размена.
„Јон Вардар против галаксијата“ пристигнува и на Азорските Острови – филмот ќе се најде во изборот на деветтиот „Анимапикс“ во Португалија, каде што официјално ќе ја одбележи својата португалска премиера.
„Анимапикс“ има репутација на фестивал што го слави „детето во секој од нас“, со фокус на креативност, визуелна уметност и експериментални форми. Освен проекции, на фестивалот се одржуваат изложби и промоции на илустрирани книги, стрипови и други форми на визуелната уметност.
„Јон Вардар против галаксијата“ е прв долгометражен македонски анимиран филм. Досега беше прикажан на над 40 меѓународни фестивали и освои пет награди. Сценариото и режијата се на Гоце Цветановски, уметнички директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, продуцент е Алан Кастиљо, а главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.

































