Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, в сабота од 19.30 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција, при што директорот на ЦК „Марко Цепенков“ Јасмина Мицовска Станкоска посочи дека ова е прво поставување на овој текст, но и на авторот Бокачо во прилепскиот театар, за што
драматизацијата ја подготви драматургот Лидија Митоска – Ѓорѓиевска.

Во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Декамерон“, со триумфот на волјата на човекот наспроти ужасната, незамислива препрека кон среќата – смртта – рече режисерот Мартин Кочовски, потенцирајќи дека претставата е полна со живот.

– „Декамерон“ стои на хуманистичката платформа на Џовани Бокачо и зборува за човековата волја за живот, радоста од „сега и тука“, за нашата кревкост но и за силата на човечкиот дух низ ефемерноста на среќата и поуките на трагичноста – посочи Кочовски.

Драматургот Лидија Митоска – Ѓорѓиевска, изјави дека и бил голем предизвик да ја направи драматизацијата на текстот, а актерите Наташа Ачански и Александар Степанулески пак задоволни од соработката со Кочовски.

Сценографијата за претставата е на Филип Јованоски, костимографијата на Јулијана Војкова-Најман, музиката е под водство на Пеце Трајковски-Брада, а вокален музички
соработник е Ана Митоска.

Во претставата играат Александар Степанулески, Наташа Ачански, Здравко Стојмиров, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Марија Сприксока – Илијеска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Михајло Миленкоски, Андон Јованоски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Цветанка Чавлеска, Сара Спиркоска и Леонардо Лазов.

Реализацијата на претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура. Ка.М.