Синоќа во  Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во присуство на ограничена публика  стационирана на сцената  се одржа премиерата на монодрамата „Кротка“ инспирирана од истоимената новела на Фјодор Михајловиќ Достоевски во режија на Микица Илова а во изведба на актерот Сашко Орешков.
Публиката имаш ретка можност да гледа монодрама која остави длабока тишина, треперлива возбуда и многу прашања  кои ја допираат совеста на секого.
Монодрамата „Кротка“ како проект е подржан од Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци  со кој се упатуваат силни пораки дека тишината не смее да биде избор, и дека секоја тивка жена што молчи е причина повеќе да бидеме погласни. Актерот Сашко Орешков со неверојатна емотивна длабочина и посветеност ја оживеа болката, тишината и вината, маестрално оставрувајќи ја улогата на командантот и сопственик на заложничка куќа.
 -„Кротка“ претставува длабоко психолошко и емотивно патување  низ умот и срцето на човек кој останува сам со својата вина и неизразена љубов. Драмата е сведоштво на еден човек кој по самоубиството на својата жена „кротката“, се обидува да го разбере нејзиниот тивок отпор и конечниот избор  за одземање на животот. Постепено низ неговиот монолог се  откриваат фрагментите од нивниот однос, апсолутна доминација, неразбирањето и неможноста да  се создаде вистинска  врска меѓу маж и жена. Се определив за минималистичка сценографија, празна соба, кревет, фотографија или икона  кои служат како симболи на духовна празнина, вина и покајание. Јазикот во монодрамата е длабоко емотивен  и филозофски со внатрешни дијалози и ретроспективи кои ја градат динамиката на исповедтта на главниот лик.  Актерот Сашко Орешков  многу успешно , би рекла одлично ја понесе целата тежина на драмаата и емоционалното распаѓање како и внатрешната борба  и обидот за  себеоправдување. Оваа монодрама и Достоевски за мене беа вистински предизвик особено во ова време на  брза комуникација со определбата да не потсети на тишината  што боли повеќе од зборовите – вели режисерката Микица Илова.
-За првпат во мојата актерска кариера  играм монодрама која бара целосна оголеност, без партнер на сцената, без пауза… самиот текст и психолошкиот товар сам го носиш на својот грб од првата до последната секунда.  Оваа претстава  можам да кажам дека за мене не е само уметничко театарско дело. Таа е порака, потсетник дури и крик во мракот на секојдневната нечуствителност. Мојот лик- командантот  – не ја убива својата сопруга со рака, туку со тишина, со игнорирање, со студенило. Оваа монодрама гласно  препорачува- Слушајте ги луѓето околу вас, додека се тука, затоа што  понекогаш молчењето е најсуровиот третман што можете да му го дадете на човекот – вели актерот Сашко Орешков.