Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија ќе ја има хрватската премиера во рамките на официјалната конкуренција за наградите „златна арена“ на годинашното 71. издание на Пулскиот филмски фестивал. Дистописката бајка за загубеното момче во опустошениот свет на нашата блиска иднина, чиј мнозински продуцент е Дарко Попов од „Фокус покус филмс“, е реализирана, меѓу другите, во копродукција со хрватската продукција „4Филм“ и Хрватскиот национален аудиовизуелен центар.
Филмскиот фестивал во Пула, со мотото „Филм под ѕвездите“, е еден од најстарите и водечки регионални фестивали. Основан во далечната 1954 година, овој настан континуирано се одржува до денес, со две откажувања во 1990-тите, за време на воените превирања низ регионот. Започнат како смотра на најзначајните домашни остварувања од времињата на поранешна Југославија, во последните декади, програмата на Пулскиот фестивал се трансформира и се распределува во две натпреварувачки категории – за хрватски продукции и копродукции, како и интернационална селекција.