На малата сцена на НУЦК „Григор Прличев“, денеска, во 20 часот, ќе се одигра премиерната изведба на претставата „Хелверовата ноќ“, во продукција на ЗУКЦ „Медиа артес“ – Охрид.
Претставата е во режија на Александар Јовановски, а во неа играат Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ. Базирана на истоимената драма на најпознатиот современ полски драматург, режисер и професор Ингмар Вилквист (алијас Јарослав Свијершч). Напишана во 1999 година, претставата на суптилен и потресен начин ја прикажува чудната врска помеѓу мајка и посинок – млад човек со посебни потреби. Преку слоевитиот однос мајка-дете, старател-штитеник, брат-сестра, маж-жена, џелат-жртва, авторот гради интимна приказна за две различни суштества што се обидуваат да најдат смисла и сигурност во свет што секоја „различност“ ја дочекува со насилство и осуда.
Во атмосферата на тоталитарниот, фашистички занес од 1930-тите, „Хелверовата ноќ“ ја разоткрива трагичната судбина на оние што не припаѓаат на мнозинството – оние за кои едноставно нема место во таков свет.
Преводот на драмата е на Јасмина Билаловиќа, а драматуршката адаптација на Александар Јовановски.
Проектот е дел од годишната програма на ЗУКЦ „Медиа артес“, финансирана од Општина Охрид.
































