„Утре наутро“, според Јани Бојаџи, е политичка драма во која тој ги опсервира луѓето што ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние.
– Мене живо ме интересира кои се луѓето што ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани што се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што по тоа. Зборува за две семејства што се соочуваат со последиците од одлуките што ги носат т.н. глави на семејствата – татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките што тие ги носат најчесто ги трпат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија што се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени – споделува Јани Бојаџи, режисер и сценарист на филмот.
Бојаџи подвлече дека филмот се темели на актерите, на актерската игра, и смета дека центар на филмот се актерот и неговата човечност.
– Имав бескрајна среќа во филмот да имам актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно – рече Бојаџи и додаде дека во филмот има над 75 актери.
Извршниот продуцент Дејан Милошевски објасни дека почнале да снимаат серија и кога ја завршиле серијата сфатиле дека имаат филм.
– Освен филмот, ќе има и серија со пет епизоди по 55 минути. Премиерата на филмот ќе се одржи на 19 ноември во „Синеплекс“, а од 20 ноември ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија – рече Милошевски и додаде дека во моментот имаат еден фестивал на кој ќе биде прикажан филмот.
Нина Деан, која толкува една од главните улоги, рече дека си посакала да има голем лик и желбата ѝ се остварила.
– Задоволна сум од целото искуство. Кога го градев ликот, тргнав од аспект на жена и што сѐ ѝ се случува нејзе, без разлика која е, чија сопруга е. Имавме одлична соработка со колегите и се надевам дека сите ќе го видите филмот онака како што го правевме – рече Деан.
Ирена Илиевска, која исто така толкува една од главните улоги, посочи дека ова ѝ е прва соработка од овој тип, а улогата ѝ била предизвик каков што немала досега.
– Ја играм Аида Мерџановска, Ромка по националност, докторка, а за потребите на ликот го учев ромскиот јазик, долго време се подготвував. Се плашев бидејќи не го познавав јазикот, а денес, од оваа дистанца, гледам дека тоа беше најмал предизвик. Аида се бори со цел систем и тоа беше најголемиот предизвик – да ја научам како се игра кога антагонистот ви е целиот систем – рече Илиевска и ги покани сите на премиерата на филмот.
Во филмот се зборува на македонски, ромски и малку на англиски јазик. Актерите учеле ромски, за што имале наставници, а актерките толку добро го совладале јазикот што воопшто не се правела разлика кога го говореле текстот на снимањето.
Кети Дончевска Илиќ ја толкува улогата на сопруга на Бајрам Северџан, а Аида ѝ е ќерка.
– Јас цел живот играм на македонски јазик и навистина беше голем предизвик за мене да глумам на ромски. Кога ги учев репликите, по пробите во неколку наврати сакав да се откажам. За актер кому му е природно да глуми на свој мајчин јазик, навистина беше сериозен предизвик, но истовремено беше убав предизвик и драго ми е што не се откажав, особено што поминав прекрасен процес, запознав прекрасни луѓе со кои досега не сум работела и мислам дека завршивме одлична работа – изјави Дончевска Илиќ и потенцираше дека особено ѝ е драго што женските ликови во филмот се многу силни и доминантни, сигурни во себе, знаат што сакаат и не се откажуваат.
Васил Зафирчев, кој исто така говори на ромски во филмот, вели дека е навистина среќен поради филмот, бидејќи толку малку се снима што бескрајно му се радува на секој нов обид што резултира со реализација на нов проект.
– По ТВ-серијата „Бистра вода“, ова ми е втора соработка со Јани Бојаџи, но овој пат со малку поинаков предизвик. Не само што првпат се сретнавме со убавината на ромскиот јазик и што требаше да изградиме ликови што носат некаков поинаков сензибилитет што е многу автентичен, како што е ромската заедница, ромската култура, традиција, начин на размислување, дејствување… Предизвикот беше дотолку поголем што толкувам лик што се вика Рустем и кој станува некаква референтна точка на оваа парадигма, која е земена за наслов на филмот, односно некаква светла точка за тоа дека навистина е можно утре да биде подобро. Тој е претставник на ромската заедница, кој успева да изгради успешна кариера во Италија и сите позитивни искуства се обидува да ги пренесе во Македонија, каде што формира мала задруга за производство на органско овошје и зеленчук. Една убава, светла приказна, така што ликот на Рустем станува персонификација на разумот, на стабилноста, на лојалноста, на вербата и на некој начин станува утеха на главната хероина во сите премрежиња со кои се соочува – рече Зафирчев и подвлече дека најсилната порака на филмот е колку сите ние сме дел од тие процеси и колку секој од нас низ своите индивидуални постапки може да ја чини таа глобална слика.
Бајрам Северџан, кој толкува еден од главните ликови, раскажа дека Ромите во филмот се прикажани како истакнати членови на општеството, образовани, и се избегнува стереотипот на бедата и сиромаштијата.
– Токму тоа ми беше голем поттик и задоволство за да го толкувам ликот во овој филм. Сакам да истакнам и дека многу сум среќен што колегите навистина го совладаа ромскиот јазик, бидејќи бев скептичен кога го читав сценариото. Што се однесува до сценариото, исто така многу сум задоволен со сите измени што се направија за правдината да излезе на крајот на еден многу елегантен начин – рече Северџан.


































