„Диџеј Ахмет“ од Георги М. Унковски беше проследен со долги аплаузи од публиката на МФФ во Нанси, Франција. Публиката не го криеше изненадувањето од содржината на филмот, обработената тематика, играта на актерите, фотографијата

Како што паѓа ноќта, на големиот екран поставен во дворот на Мануфактурата (поранешна фабрика за цигари, а сега културен центар) неочекувани и непознати светови им се откриваат на посетителите на Меѓународниот филмски фестивал од Нанси, Франција, кој годинава го славеше своето триесетто издание. Место каде што личностите и прекрасните пејзажи од Македонија од првиот долгометражен филм на Георги М. Унковски ѝ беа претставени на француската публика.
Малиот овчар што сонува да биде диџеј, чии соништата од под ѕвездите на Македонија силно полетаа дури и под ѕвездите на Лорен, ја плени публиката. Имаше долг аплауз, се водеа долги разговори по крајот на проекцијата, која заврши некаде по полноќ, гледачите не веруваа дека ова е прв долгометражен филм на Унковски. Тие не го криеја изненадувањето од содржината на филмот, обработената тематика, играта на актерите, фотографијата. Накратко, како што ни рече една од гледачите на филмот, кој по професија е филмски режисер, „филмот не плени, излегуваме од филмот со нешто ново, што за нас до денес беше непознато“. Друг гледач, кој е претседател на здружението Ататуркија од Нанси, уште повеќе изненаден од чистотата на турскиот јазик што се зборува во филмот ни рече: „Не знаев дека во Македонија се зборува толку чист турски јазик, тоа за нас е потврда дека Македонија е земја на толеранција и културна разноликост што се почитува, а и за најмалите етнички групи што живеат на нејзина територија“.
Единствен недостаток беше отсуството на членовите од екипата на филмот, кои ќе можеа директно да одговараат на прашањата на гледачите. Но се обидов да ги заменам јас, како претседател на фестивалот, дописник на „Нова Македонија“ – а од 2013 година сум претседател и генерален уметнички делегат (главен селекционер) на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси.
Како прв човек на фестивалот, се обидувам речиси секоја година да има барем еден македонски филм, краткометражен или долгометражен. Годинава тоа беше овозможено со директна помош од режисерот на „Диџеј Ахмет“, Георги М. Унковски, и од француската дистрибуција на филмот КБО, која веќе го подготвува за емитување во киносалите во Франција, со што овој филм е една од ретките македонски кинопродукции што наоѓаат место на француската филмска сцена.
Филмот покрај уметнички вредности и пораките што ги носи со себе, како што рече еден од нашите соговорници, е вистинско сведоштво за публиката во светот – дека македонското општество е толерантно, дека ги почитува различностите и правата на заедниците, иако некои соседни земји сакаат да го прикажат спротивното, за да ги скријат своите слабости.
Покрај „Диџеј Ахмет“, на фестивалот во Нанси беше прикажан и црногорскиот филм „Живи и здрави“ од режисерот Иван Мариновиќ, во кој Македонија е во копродукција.

Критиката воодушевена од „Диџеј Ахмет“

Дебитантскиот игран филм на македонскиот режисер Георги М. Унковски, „Диџеј Ахмет[+]“, со својата автентична поставка и ликови ги надминува баналните тропи на наративниот поджанр за созревање, иако малку страда од бавно темпо. По светската премиера на филмот на Санденс, филмот тргна во освојување на светот.
Кога првпат го среќаваме истоимениот херој, петнаесетгодишно момче, тој не е диџеј, туку музички ентузијаст: го гледаме во училиште, како игра на енергична електропесна со својот пријател. Ова момче, член на малцинството јуручки Турци, живее во оддалечено село сместено во ридовите со својот татко (Аксел Мехмет) и помлад брат Наим (Агуш Агушев). Овој лик, игран од непрофесионалниот актер Ариф Јакуп, го носи своето номадско наследство на лицето, поцрвенето од сонцето и ветерот.
Тој и неговиот брат неодамна ја загубиле својата мајка. Момчето, кое има само пет години, не зборува, па неговиот татко, верен на традицијата, го носи секој ден кај исцелител, оставајќи го Ахмет да се грижи за нивните овци. Тие заработуваат за живот продавајќи сирење и тутун собрани од жени облечени во шарени јуручки облеки, правејќи ги да личат на цвеќиња расфрлани по полињата.
Меѓу нив е и Аја (Дора Акан Златанова), седумнаесетгодишната сосетка на Ариф, во која тој е очигледно вљубен. За жал, сè е веќе на место за договорениот брак што ќе ја обедини Аја со работник имигрант што живее во Германија. Таа го слуша својот строг татко без да каже збор, но има таен план да избега и не е имуна на едноставните, но искрени додворувања на Ахмет.
Една ноќ Ахмет наидува на забава со рејв-парти што се одвива во шумата во близина на селото. Обоените светла, стробоскопските светла и младите луѓе што скокаат во пулсирачкиот ритам веќе изгледаат толку несоодветно во универзумот на Јуруците. Оваа речиси сонлива сцена се интензивира кога неговите овци бегаат и влегуваат на забавата. Едно животно ќе недостасува, а Ахмет ќе плати за тоа така што ќе помине неколку ноќи спиејќи надвор, буден наутро од неговиот татко со фрлање кофа со ладна вода врз него.
Сцената со рејв е пример за тоа како Унковски го спојува неверојатното со она што може да се помеша со магичен реализам: овците имаат тешкотии да се справат со бучавата, но се случи она што се случи и ние сме сведоци на последиците. Постојат и други примери во филмот, но шармот на главните ликови и хемијата меѓу нив, во комбинација со симпатичната духовитост на филмот (токму со вистинското количество хумор што функционира добро), речиси успеваат да ги маскираат овие мали недоследности.
Филмот, верен на својот наслов, во голема мера се потпира на музика. Аја тајно вежба танц за Тикток со тројца пријатели, а Ахмет паметно се справува со техничката страна на работите. Потоа неговиот татко ги конфискува компјутерските звучници што ги користела неговата сопруга, иако момчето протестира, истакнувајќи дека таа сакала музика (уште еден пример за информации што малку се судираат со преостанатите). Богатите дела компонирани од браќата Синкауз за филмот комбинираат традиционални инструменти со електронски ритми, нагласувајќи ја централната тема на филмот: дихотомијата на традицијата и модерноста.
Комбинацијата од натуралистички сцени и импресионистички пејзажи што ја пренесува гледната точка на протагонистот го прави филмот многу жив и привлечен. Се допира до премногу теми за целосно да се истражат, но во случајот со оние што се најискрено пренесени, малку е доволно. Монтажата на Михал Рајх има малку нестабилно чувство; некои сцени изгледаат како да се прерано исечени, што го попречува текот на наративот. Сепак, повеќето елементи, вклучувајќи ја и инспирираната и разновидна кинематографија на Наум Доксевски, со своите интензивни бои и добрата енергија на филмот, би можеле да го однесат овој филм надвор од фестивалските кругови.
„Диџеј Ахмет“ е копродукција на „Синема футура“ и „Сектор филм“ во Македонија, „Алтер вижн“, „Бекрум продакшн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „365 филмс“ (Грција) и „Баш челик“ (Србија). Меѓународната продажба на филмот ја врши „Филмс бутик“.

МФФ во Нанси – „најмакедонски“ филмски фестивал во Франција

Публиката на ФИФН е навикната да гледа македонски филмски продукции, кои се редовно застапени на големиот екран. Така, минатата година тука беа претставени филмовите „До балчак“ и „Џипси меџик“ со наградата на публиката на Столе Попов, а беа прикажани и филмовите „Пред дождот“ и „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Панкот не е мртов“, „Незаборавена пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, кој ја доби наградата на публиката, „Годината на мајмунот“ на Владимир Блажевски, како и „Со љубов“ на Илија Цветковски, кој ја доби Големата награда на фестивалот во селекцијата на документарни филмови во 2018 година.
„Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска за првпат беше прикажан во Франција на фестивалот во Нанси, како и „До балчак“ на Столе Попов, „Хомо“ на Игор Иванов-Изи, кој беше и член на жирито на фестивалот, и филмот „Џган“ на Вардан Тозија.
Фестивалот организираше и посебен фокус на филмската продукција на земјите од Балканот: Македонија, Грција, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, а во рамките на фестивалот беше и изложбата на „Фотографското творештво на браќата Манаки во контекст на Првата светска војна“ од авторот Роберт Јанкулоски.
Со овој „најмакедонски“ филмски фестивал во Франција, волонтерски раководам јас – новинар и дописник на повеќе македонски медиумски куќи од Франција, истовремено ја вршам функцијата претседател и главен селекционер (уметнички директор) на фестивалот од 2013 година, заедно со сопругата Бландин Брунхес-Гламчевски, директорка на фестивалот.
Филмскиот фестивал од Нанси веќе неколку години соработува со НУ Центар за култура-Битола во организирањето на филмскиот фестивал за млада публика „Малата школа на краткиот филм“, која годинава се очекува по петти пат во Битола, и меѓународниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ од Битола, чие четврто издание е од 19 до 26 јули во Битола и на 27 јули на зајдисонце во Трпејца.
Целта на фестивалот од Нанси со бранење на пошироките човекови права е надминување на границите и предрасудите.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција